Чешката филмска школа ќе се учи на Штипскиот универзитет

03.06.2014 15:44

Селекцијата, како што истакна министерот Ристовски, ќе ја вршат професори од ФАМУ со цел, како што рече, да се избегнат локални влијанија и да се изберат најталентираните студенти...

Од академската 2014/2015 година, студиски програми за постипломски студии за филмско сценарио, драматургија и продукција ќе станат дел од македонскиот образовен систем и ќе бидат достапни на новоформираната Филмска академија при Универзитетот Гоце Делчев од Штип (УГД), според програмите на Академијата за филмска и телевизиска уметност ФАМУ од Прага.

Филмската академија на која што ќе се изучуваат студиските програми адаптирани согласно стандардите, принципите и традицијата на ФАМУ ќе биде отворена во стратешки одбраниот Охрид, поради неговото природно и културно наследство, како и инспиративното опкружување и бројните манифестации за што универзитетот „Гоце Делчев“ веќе го обезбеди потребниот простор и опрема за теоретската и практичната настава, а обезбеден е и соодветен наставен кадар од ФАМУ од Прага, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски, по средбата со деканот на ФАМУ Павел Јех.

Појасни дека најпрво достапни ќе бидат постдипломски студии по филмско сценарио, драматургија и продукција кои ќе се одвиваат на англиски јазик, а потоа понудата ќе се надградува и со други програми од втор циклус како режија, филмска фотографија и монтажа, но, како што речен ќе се работи и на отворање на додипломски студии.

Селекцијата, како што истакна министерот Ристовски, ќе ја вршат професори од ФАМУ со цел, како што рече, да се избегнат локални влијанија и да се изберат најталентираните студенти.

Деканот на ФАМУ Павел Јех истакна дека е задоволен од остварената соработка и истакна оти на ваков начин ќе се направат напори овде да се воспоставуви најдобра можна филмска програма и да се спренесе искуство и пракса од ФАМУ.