Полицијата трага по Палевски

Првоосомничениот за двојното убиство е сè уште во бегство

04.12.2023 14:55

Првоосомничениот кој е во бегство надвор од државата, Обвинителството смета дека е реализатор на двете убиства. Се сомничи Љупчо Палевски, кој е добро познат на македонската јавност. Тој порано се занимаваше со градежништво, а е лидер на малата проруска радикална политичка партија „Десна“. Неодамна е фатен со оружје кое не смеел да го носи со него…

Осомничениот за двојното убиство на тинејџерката Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо избегал во Белград, а потоа оттаму заминал во Бугарија. Тој земјава ја напуштил на 30 ноември, три дена по убиството на Вања во придружба на адвокат, кој тврди дека не знаел ништо за убиствата.

„Тоа лице е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат и заминато во Белград, оттаму следниот ден заминува во Бугарија. Не може да има дојава за него зашто излегувањето од пред да ги утврдиме фактите и приведувањето на другите лица коишто беа поврзани, тогаш се извршија претреси и се обезбедија докази. Таа информација ја немавме претходно“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Палевски е добро познат во јавноста. Тој е лидер на малата проруска радикална политичка партија „Десна“. Порано се занимаваше со градежништво, а имаше и свој поткаст преку којшто испраќаше пораки во јавноста, а своевремено беше дел и од движењето „Бојкотирам“ против промената на името. Полицијата веќе извршила претрес во партијата.

„Извршен е претрес во таа политичка партија, одземени се одредени материјали и лицата таму коишто беа најдени и кои според сознанијата, сите овие лица се членови на таа партија“, рече министерот Спасовски.

Против Палевски се водеа неколку постапки. Неговото име повторно стана актуелно во септември 2019 година, кога беше приведен на белградскиот аеродром по потерница од Хрватска по што заврши во екстрадициски притвор, а по неколку месеци беше пуштен на слобода. Потоа, Палевски во јуни 2020 година, во екот на корона кризата беше уапсен поради непочитување на мерката за самоизолација. Тој беше опфатен и со предистрага на СЈО „Никола Тесла“, кога кај него беше извршен претрес. Во септември истата година, пак, МВР објави информација дека Палевски бил претепан. Во мај годинава, Палевски со уште три лица беа фатени како бараат злато, а потоа кај тунелите Демир Капија – Јаворица кај него бил пронајден пиштол „Валтер“ со калибар од 9 милиметри што го носел без дозвола. Сублимирано според податоците на МВР – против Палевски во 2019 е поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско снимање, истата година добил и прекршочна за омаловажување полициски службеник. Во 2020 има уште една кривична за недозволено држење оружје и непостапување според здравствени протоколи во време на епидемија. Но, неговото досие од поодамна е дебело – во 2005 заработил кривична за злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување.

„Против него имаше неколку постапки и тоа се прекршочни постапки, за една постапка којашто беше на ОВР Прилеп има покренато кривична пријава“, додаде Спасовски.

Полицијата трага по Палевски, за кого Обвинителството, по исказите на тројцата кои го признаа делото, смета дека бил и организатор и реализатор на убиствата. Палевски на социјалните мрежи беше активен до пред неколку дена, објавувајќи политички пораки.

Мартин Пушевски