Жителите на Бразда со неверување за свирепото убиство
Утрината со неверување и голема тага жителите на селото Бразда ја примија веста дека Вања Ѓорчевска свирепо убиена недалеку од нивните домови. Мештаните за МТВ сведочат дека изминатите денови во нивното село имало големо присуство на полиција и ни го покажаа местото каде што монструмите на 27-ми ноември, откако ја убиле Вања, за да ги скријат трагите го запалиле возилото со кое ја возеле до Бразда...

Убиството на 14-годишната Вања го прекина тивкото и мирно секојдневие на жителите на малото село на падините на Скопска Црна Гора-Бразда. Утрината со неверување и голема тага ја примија веста дека таа била свирепо убиена недалеку од нивните домови.
Ова е патот што го минуваат осомничените за да дојдат до локацијата каде што ја ликвидирале Вања. Последните часови од својот живот 14-годишното девојче ги поминува врзана во багажникот.
Откако и ги врзуваат рацете и нозете и ја ставаат во вреќа за спиење 14-годишната Вања ја носат на Скопска Црна Гора, поточно во атарот на селото Бразда. Два и пол часа по киднапирањето ја убиваат, а нејзиното тело го закопуваат на ридот.
Мештаните за МТВ сведочат дека изминатите денови во нивното село имало големо присуство на полиција и ни го покажаа местото каде што монструмите на 27-ми ноември, откако ја убиле Вања, за да ги скријат трагите го запалиле возилото со кое ја возеле до Бразда.
Патеката до која се стига е каллива и се наоѓа на напуштена ледина. Околу нема куќи и жители кои би посведочиле на злосторствата.
Откако свирепо го убиваат 14-годишното девојче, осомничените доаѓаат на ова место за да се ослободат од најголемиот доказ за нејзиното киднапирање, возилото марка „Цитроен“ со коешто Вања била превезувана до ова место. Откако била убиена, возилото било запалено.
Поради близината со граничниот премин со Косово, жителите на бразда за МТВ велат дека не е прв пат да гледаат опожарени возила на нивните ледини.
Од надзорните камери полицијата утврдила и дека пред „Цитроенот“ во кој била Вања се движело и друго возило од марката „Рено кангу“. Подоцна МВР открива дека „Реното“ е во сопственост на две лица, членови на политичката партијата на обвинетиот Палевски, кој вообичаено го користел возилото.
Викторија Милевска
