Македонија

МВР и ОЈО излегоа со детали од истрагата за двете убиства

04.12.2023 16:04

Македонија во неверување по веста за грозоморното убиство на младата Вања. МВР и обвинителството денеска излегоа со целосна информација за двојното убиство, за 14-годишното девојче и за велешанецот Жежовски. За младата Вања осомничени се пет лица, меѓу нив и таткото на девојчето кој непосредно учествувал во целиот случај. Три лица се приведени, а по едно се трага...

Мотивот на криминалната група која изврши двојно киднапирање и двојно убиство на велешанецот Панче Жежовски и малолетната Вања Ѓорчевска од Скопје е изнуда на пари од мајката на девојчето. Според исказите на соучесниците, Вања била киднапирана во влезот од зградата каде што живеела откако нејзиниот татко им дал информации за местото и времето на криминалците. Вања била заврзана и ставена во вреќа за спиење и потоа во багажникот на „цитроенот“ е превезена до село Бразда – скопско. Убиецот решил да ја ликвидира малата Вања, а потоа да ги бара парите од мајка и, откако почнал да паничи поради широката истрага од МВР и јавноста.

„Главен организатор и извршител којшто со пиштол на 27.11 според досегашните утврдени докази некаде околу 10.00 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до коишто може да дојде полицијата на веќе започната истрага веднаш после првата пријава за тоа кривично дело. Можам да ветам дека ќе сторам се и јас и институцијата, ова лице или ако сакате подобро овој монструм на кого му ја следиме трагата час поскоро штом стапне на наше тло да биде изведено пред лицето на правдата“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

„Материјалните докази и вербалните докази во овој случај, затоа што се во фаза на истрага ги третираме како доказен материјал, се поклопуваат. И тие се идентични. Тука нема, таа е сликата и тоа е извршено. Нема тука бегање од ова“, изјави Гаврил Бубевски, обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

На 22-ри ноември, организаторот и реализатор на убиствата со соучесниците најпрво го киднапирал и убил пензионерот Жежовски по посочување од неговиот сосед на кого му должел 500 евра, со цел да му го одземат возилото „цитроен“ за киднапирањето на Вања. Возилото не било пријавено за исчезнато кога било пријавено исчезнувањето на пензионерот од Велес.

„Ние колата ја наоѓаме на „Сејв сити“ на 27-ми дека се движи во Скопје. Таа не се движи од 22-ри до 27-ми. Таа се движи на 27-ми во Скопје. Кога се утврдува дека и возилото “цитроен“ и возило „рено кангу“ коешто се движат заедно. И тука доаѓа практично до спојувањето на активностите две, затоа што се утврди дека тој „цитроен“ е запалениот цитроен којшто се наоѓа непосредно во близината на Скопје“, изјави министерот Спасовски.

На 30-ти ноември убиецот со неговиот адвокат со возило заминал во Србија, а потоа во Бугарија. 5-те осомничени и тројца од притворените од криминалната група се членови на иста политичка партија. И возилото „рено“ што се употребувало во злосторството било позајмено од член на партијата, кој не е вмешан во делото. Истрагата смета дека мотив за злосторството била изнуда на пари од мајката на убиената Вања која неодамна продала стан.

Истрагата на полицијата треба да покаже дали оваа криминална група и претходно извршила слични криминални дејствија за изнуда на пари.

 

Ирина Гелевска