СП Бразил 2014

Фудбалската магија се шири низ Македонија

03.06.2014 17:10

Светското првенство во Бразил ќе ја собере елитата. Македонците веќе кројат планови каде ќе ги проследат натпреварите. Рестораните почнаа со подготовките. Пијалокот и мезето ќе бидат по промотивни цени...

Фудбалската магијата почна да се шири низ главниот град. Десет дена до почетокот на најголемиот спортски настан годинава. Светското првенство во Бразил ќе ја собере елитата. Македонците веќе кројат планови каде ќе ги проследат натпреварите. Рестораните почнаа со подготовките. Пијалокот и мезето ќе бидат по промотивни цени.

„Ќе имаме намалување на цените, ќе наместиме видео-бим и се надеваме дека ќе има позитивна навивачка атмосфера... Имаме телевизори, бимови, спремни сме за целиот евент и ќе го даваме преносот 24/7“, велат угостителите.

Скопјани почнаа да типуваат. Секој има свој фаворит.

„Дома ќе гледам, претежно со другари, јас навивам за Шпанија... За Англија навивам, ама се сомневам дека ќе победи, пак најмногу сум за Бразил... За Бразил нормално... Немам фаворит, сакам само да гледам добар фудбал, да се собереме со другарите... Бразил е првак на светот“, велат случајно анкетираните граѓани.

Сликичките од албумите за светското одат како алва. Ретко во која продавница веќе ги има. Ние купивме навреме.

„Дневно продаваме околу 100-тина пакетчиња со сликички, заинтересираноста е голема, како од малдите, така и од постарите- сите купуваат“, тврдат продавачите.

Еден месец  Македонската телевизија ќе го пренесува спортскиот настан на годината. Отворено студио со многу гости. Ова ќе биде само дел од спортската понуда.

Бразилската фудбалска треска почнува на 12 јуни, ексклузивно на Македонската телевизија.

 

Викторија Тодоровска