Израел подготвува систем на водени пумпи за поплавување на тунелите на Хамас
Израел почна нова фаза во војната против Хамас. Војската дејствува во целиот Појас Газа. Главните операции се водат на југот во Кан Јунис. Светските медиуми пренесуваат дека Тел Авив подготвува пумпи за вода за поплавување на тунелите во коишто се кријат милитантите за нивно извлекување на површина. Обединетите нации се загрижени поради обновата на непријателствата. Гутереш побара заштита на цивилите...

Израел тврди дека напредува со офанзивата во Појасот Газа откако ги интензивираше нападите кон југот. Се работи за прецизни напади врз основа на разузнавачки податоци против центрите на гравитација на Хамас – вели одбраната.
„Извршивме неколку оперативни затворања на копнените сили заедно со воздухопловството што резултираше со елиминација на терористите и терористичките инфраструктури. Копнените сили дејствуваат на терен, терористите излегуваат од окната и тунелите, воздушните сили напаѓаат и напредуваат“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Силите напредуваат и на северот. Извршена рација во опколената Џабалија во штабот на генералната безбедност на Хамас. Пронајдени складишта со оружје, ракети и разузнавачки информации. Во тунелите на Хамас се поставуваат пумпи за поплавување скривалишта на терористите со морска вода.
Стотици Палестинци кои го послушаа повикот на Израел за евакуација пристигнаа во импровизираните засолништа во веќе пренаселената област Муваси.
„Бегаме од едно место во друго. Нема услови. Никој не спиеше поради студот. Собираме парчиња огревни дрва само за да зготвиме за децата“, изјави Ахмад Ал Масри, раселен од Газа.
„Немаме што да кажеме освен-Господ нека ни е напомош. Каде и да одиме, знам само дека ова треба да се реши“, рече Ум Мохамад Ал Аси, раселен од Газа.
ООН апелираат за влошената хуманитарната ситуација.
„Нашите колеги за координација на хуманитарни прашања предупредија дека моменталната ситуација не им дозволува да се справат со потребите на луѓето во Газа. Дистрибуцијата на помош е ограничена, во деловите околу Кан Јунис во голема мера и запрена“, изјави Стефан Дужарик, ОН-портпарол на генералниот секретар.
САД соопштија дека во тек се разговори со Израел за дополнително гориво во Газа. Продолжуваат и со заложбите за ослободување на сите заложници.
„Остануваме во контакт со нашите израелски и катарски колеги, како и со колегите од Египет за да извршиме притисок врз Хамас по ова прашање. Во моментов Хамас одбива да ги ослободи жените кои беа дел од договорот. Токму тоа одбивање предизвика крај на паузата во непријателствата“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.
Тел Авив уште еднаш ги повика меѓународните организации во светот да ја потврдат безбедноста на киднапираните и да помогнат со достава на лекови и потребниот медицински третман.
Бојана Крстевски
