Инвестицијата на „Техникл текстил“ ќе ја раздвижи штипската економија
Инвестицијата на „Техникл текстил“ и најавените нови 500 вработувања ќе ја раздвижат штипската економија и ќе ја заживеат ТИРЗ зоната. Освен од Штип, работа овде ќе најдат и невработени од целиот источен регион...

Најавената инвестиција на гермнскиот текстилен гигант „Техникл текстил“ во Штип најавува можност за нови, повисоки стандарди во текстилната индустрија која е носечка стопанска гранка во регионот.
Најавените нови 500 вработувања, драстично ќе го намалат бројот на невработени во Штип, но и во околните општини од регионот.
„Тоа ќе значи згрижување на голем број на семејства, тие ќе земат парче леб, тоа значи намалување на притисокот во социјалните институции и подобар стандар на населението“ , изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.
За штипјани, ова е надеж за поголема економска стабилност на граѓаните.
„Платите да бидат поголеми, така младите ќе бидат позаинтересирани. Инаку, ова е зголемување на конкуренцијата и можност за повеќе вработувања. Убаво е во секој случај“ , сметаат анкетираните штипјани.
Во моментов во Штипската ТИРЗ зона веќе работи Џонсон Контролс, а наскоро овде ќе се подигне и погонот на Техникл Текстил, инвестиција вредна 12 милиони евра.
Дополнително, во постапка е процедурата за изградба на фабрика на хрватски Кумел. Во перспектива, овде би требало да работат нешто над 2.000 работници од Штип, Виница, Кочани, Свети Николе, но и други општини од регионот.
Сликата за текстилството ќе се заокружи и со отворањето на фабриката на „Веибо груп“ која ќе отвора погон за производство на репроматеријали, чии што придобивки ќе ги почуваствуваат и домашните стопанственици.
Оливера Жежова
