Правда

Предметот за двојното убиство е сложен, за вакви дела е предвидена најстрога казна, вели Туфегџиќ

05.12.2023 12:03

Ваквите предмети се многу сложени поради доказите што треба да се соберат, објаснува за МТВ, адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ. Според него, признанието на осомничените не може да биде единствен доказ, бидејќи мора да се отстрани секој сомнеж дека се прикриваат други сторители или дека имало други мотиви. Туфегџиќ вели дека за вакви дела е предвидена најстрога казна. Тој препознава умисла кај осомничените, кои со себе носеле вреќа за спиење во којашто го ставиле девојчето...

Очигледно е дека се работи за убиство во кое секој од осомничените имал своја улога во грозоморниот настан и дека тоа било направено со умисла, за што е предвидена казна затвор од најмалку 10 години до доживотна, вели адвокатот Туфегџиќ. Во утринската програма на МТВ долгогодишниот судија вели дека кривичното дело со умисла има отежнителна околност. Мотивот треба допрва да се утврди, но според Туфегџиќ, ако се докаже поврзаноста меѓу таткото и осомничените како директни извршители на кривичното дело, секако дека неговата судбина нема да биде поразлична од таа на другите во постапката.

По Љупчо Палевски, кој е во бегство, МВР распиша меѓународна потерница. Неговиот адвокат, кој вели дека не знаел за убиството, го однел во Белград. Потоа, според МВР, Палчо заминал во Бугарија. Според непотврдени информации, Палевски наводно се наоѓа во Турција. Со оваа земја имаме меѓународна соработка. Нашите органи на прогон треба да добијат потврда за тоа, па потоа да биде упатено барање за екстрадиција.

Туфегџиќ апелира до сите вклучени во постапка за расветлување на двојното убиство да ги тргнат емоциите на страна и да се раководат само од законите.

 

 

Милчо Велески

 

 

 

 

 

Фото: Фејсбук, Владимир Туфегџиќ