Реакции по легализацијата: Заев да се извини за Глобал

03.06.2014 17:25

Медиумите шпекулираат дека зад фирмите кои стојат зад Глобал се луѓе поврзани со бизнисите на Заеви...

Коалицијата „Право и правна држава“, бара од градоначалникот на Струмица, Зоран Заев да се извини, откако, како што велат во писменото соопштение, го признал криминалот тежок 8 милиони евра, по легализацијата на трговскиот центар Глобал.

Во соопштението, Коалицијата наведува дека и во 2008-ма и денес во 2014-та година сметаат дека е крајно неморална, политички, скандалозна и нелегитимна одлуката за аболиција што ја направи тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Пораката од овој случај е дека секој кој било кога ќе дојде на било каква функција од позиција може слободно, без законска задршка да проневери 8 милиони евра и да биде спокоен и нечепнат од законот, пишува во писменото соопштение од коалицијата.

Случајот Глобал се актуелизира вчера по објавувањето на информациите за негова легализација. Со решението донесено на 10 јануари годинава, на трговскиот центар Глобал му се утврдува правен статус.

Медиумите шпекулираат дека зад фирмите кои стојат зад Глобал се луѓе поврзани со бизнисите на Заеви. Најверојатно двајцата сопственици на Глобал имаат и заедничка фирма со братот на градоначалникот Заев. Медиумите, повикувајќи се на документи од Бирото за јавни набавки, наведуваат дека фирмата „Сара јавор инжинеринг“ добила две зделки од Комуналец Струмица во висина од 700 илјади денари.

Името на едниот сопственик на Глобал, медиумите го врзуваа и со продажбата на земјиште по едно евро за метар квадратен, кое подоцна го препродал за 4 пати повисока цена. Општина Струмица, по барање на Министерството за транспорт и врски ја поништи продажбата.

Аферата околу Глобал се појави во 2008 година кога градоначалникот Ззаев беше приведен со неколку негови соработници по претходно поднесена кривична пријава од Одделот за организиран криминал до Јавното обвинителство за „злоупотреба на службената положба“ и „помагање“ во врска со истото дело.

Според обвинителството, злоупотребата била направена со спроведување јавен тендер за избор на соинвеститор за градење на трговски центар, спротивно од законот за јавни набавки.

Од општина Струмица вечера, во писмено соопштение наведоа дека нема ништо спорно со легализацијата на глобал и дека наводите се конструкции и невистини.

 

Катерина Давчева