Децата се безбедни и во училиште и во градинка, уверува Тренчевска
Институциите мора да го менуваат пристапот зашто се менуваат формите во коишто се манифестира насилството. Надлежните уверуваат дека децата се безбедни, а случајот со Вања е изолиран…

Децата се безбедни и во училиште и во градинка, случајот со убиството на Вања Ѓорчевска е изолиран, да не се создава паника кај родителите – уверува министерката за труд и социјална политика, Тренчевска. Вели, општеството мора да се приспособи на новото време, социјалните мрежи наместо да ја подобрат информираноста, со лажните вести и говорот на омраза шират паника кај луѓето.
„Како институции мораме да се приспособиме на ова ново време и како МТСП каде што надлежност ни се децата, сакам да ги уверувам луѓето дека децата се безбедни. Безбедни се училиштата, безбедни се установите за предучилишно образование“, изјави Јованка Тренчевска, министер за труд и социјална политика.
Институциите ја имаат главната улога во борбата против семејното насилство. Закон има, но и покрај законската регулатива по извршено семејно насилство потребно е да се работи со жртвите и со насилниците. Полициските службеници поминуваат обуки, за помош на жртвите има советувалишта и шелтер-центри.
„Да изградиме нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство кај секој од нас. Нашата заедничка обврска е да им овозможиме на сите да се чувствуваат безбедни и сигурни во заедницата во којашто живеат“, изјави Билјана Јеремиќ – Одделение за семејно насилство при МВР.
„Сè уште сме сведоци на поголеми и позасилени антиродови движења, затоа има потреба да се обединиме, да се бориме против оваа закана. Земјите со повисока еднаквост помеѓу жените и мажите се помалку насилни“, вели Килиан Вал – шеф на мисијата на ОБСЕ.
Годишно за семејно насилство во центрите за социјална работа се поднесуваат од 1.300 до 1.500 пријави.
Андријана Ѓурческа
