Молк во „Песталоци“, МОН со поддршка за учениците
Тешки се чекорите на учениците кои посетуваат настава во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје. Детскиот џагор го нема, само болка и тишина. Организирана е психолошка поддршка за учениците, велат од МОН…

Тишината зборува гласно во училиштето Јохан Хајнрих Песталоци, каде 14-годишната Вања го поминување најголемиот дел од денот со нејзините соученици. Се бараат одговори и утеха за свирепиот чин со кој беше згаснат младиот живот. Нема утеха ниту за семејството, ниту за соучениците, ниту за граѓаните кои дојдоа да се потпишат во книгата на жалост. Да запалат свеќа, да положат цвеќе каде е изложена сликата на Вања, како потсетник, колку живот имаше во неа и преку каков монструозен чин и беа ускратени сите задоволства што треба да ги ужива еден млад човек. Родители бараат одговорност за убиството на тинејџерката.
Од Министерството за образование и наука со соопштение велат дека на учениците ќе им биде ставен на располагање дополнителен кадар од психолози и педагози, за полесно да го пребродат течкиот период.
„Училиштето останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици во училиштето, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматичните последици од целата ситуација“, се наведува во соопштението на МОН.
И денес книгата на жалост е внатре, во училиштето, за сите граѓани кои сакаат да напишат нешто, да го изразат својот револт, тага, бес, очај. Младата Вања после седумдневна потрага, беше пронајдена во атарот на селото Бразда, убиена.
Александра Спировска
