Ѓурчевски: Преземање мерки за поголема безбедност околу училиштата
Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски за јавниот сервис вели дека е потребно да се преземат поголеми безбедносни мерки околу училиштата за да се чувствуваат децата посигурни. Според него, има начини како да се подигне нивото на безбедност …

Испраќање до училишната врата, но и дочекување по последното ѕвоно. Родителите особено внимателни по трагедијата што ја потресе јавноста.
Последниот случај со Вања остави траги кај најмладите, дали и колку се безбедни, особено на местата каде што се сами? Како да се надмине општествената траума и да не се гледа стравот во очи?
Многу училишта преку порака ги потсетија родителите дека секое отсуство мора однапред да биде најавено.
Поранешниот полициски началник, Љубомир Ѓурчевски, смета дека е потребно дополнително преземање мерки околу безбедноста на училиштата. Иако официјалните изјави се дека се работи за изолиран случај, сепак, несекојдневниот грозоморен настан акомулира страв и кај родителите и кај децата. За него, нарушената безбедност е резултат на неказнивоста.
„Неказнивоста само оди во прилог на организираните криминални групи, особено оние криминални групи коишто се занимаваат со најмонструозните видови на криминал, тоа се грабнувањата, тоа се рекетот, тоа се изнудите, тоа се трговијата со човечки органи, тоа се трговијата со наркотици и така натака. Мислам дека таа спрега на којашто треба да и посветиме посебно внимание е спрегата помеѓу организираните криминални групи, политичките партии, власта итн., тоа што е рак-рана на нашето општество. Згора на сè треба да го имаме предвид високиот степен на корупција којшто владее во сите овие институции. Вкупната безбедност во државата ни е и тоа како нарушена. Не можеме да се пофалиме дека имаме некоја стабилна безбедносна состојба“, изјави Љубомир Ѓурчевски, поранешен полициски началник.
Ѓурчевски упатува дека е неопходна едукација и информација кај учениците соодветно за секоја возраст и дека мора да се засили училишното обезбедување.
Катерина Топалова
