Продолжуваат судирите на истокот на Украина, најжестоко околу Луганск
Според последните извештаи, загинале 13 бунтовници. Двете страни апелираа цивилите да не излегуваат од нивните домови...

Продолжуваат судирите на истокот на Украина, најжестоко е во луганскиот регион близу до руската граница. Сепаратистите тврдат дека собориле воен авион Сухој Су-25. „Уништивме и еден нивен хеликоптер, неколку тенкови и еден оклопен транспортер“, изјави народниот градоначалник на Славјанск Пономарјов. Тој обвини дека украинската војска не дозволила евакуација на два автобуса со деца.
„Голем број терористи беа лоцирани и разбиени во таен камп во индустриската област во Северодоњецк“, вели Олександер Турчинов, преоден претседател на Украина.
Според последните извештаи, загинале 13 бунтовници. Двете страни апелираа цивилите да не излегуваат од нивните домови. Борби се водат во Краматорск и во Луганск за контрола на аеродромот. Со оглед на се пожестоките судири, за време на посетата на Полска, претседателот на САД најави милијарда долари за дополнителни ротации на американски трупи во Европа.
„Нашата посветеност на безбедноста на Полска и на нашите соседи во Централна и Источна Европа е темел на нашата сопствена безбедност. САД ги почитуваат своите обврски, што се гледа преку воздухопловната испостава во базата Ласк“, изјави Барак Обама, претседател на САД.
Обама, во рамките на европската турнеја за одбележувањето на десантот на Нормандија, кој беше пресвртница во Втората светска војна, ќе разговара за Украина со министрите за одбрана на НАТО и со лидерите на Г-7 земјите за тоа како Европа да стане независна од рускиот гас, но нема да има средба со Путин, како што соопшти синоќа кабинетот на рускиот претседател. На седницата на Советот за безбедностЗападот ја оцени како лицемерна резолуцијата на Русија со која побара итен прекин на огнот во Украина и хуманитарен коридор.
„Имаме политичка рамка, Женевскиот договор и насоките од ОБСЕ, но за тоа да успее, насилството мора да запре. Тоа е целта на оваа резолуција“, рече Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН.
„Цинично и неморално е самото тоа што Русија, како земја што неодамна окупираше и анектираше дел од украинската територија и спонзорира нереди и тероризам на истокот, предлага план за смирување“, смета Јуриј Сергејев, амбасадор на Украина во ОН.
Генералниот секретар на НАТО Расмусен ја повика Русија целосно да се повлече од украинската граница ако сака смирување на украинската криза.
Ивана Салтировска
