Спасовски: Во Турција е уапсен Љупчо Палевски – Палчо
Љупчо Палевски – Палчо, креатор, планер, главен координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и убиството на велешанецот Панче Жежовски е лишен од слобода во Турција, во градот Баликесир, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски...

Љупчо Палевски – Палчо, креатор, планер, главен координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и убиството на велешанецот Панче Жежовски, е лишен од слобода во Турција, во градот Баликесир, изјави вечерва на вонредна прес- конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Апсењето следува по меѓународната потерница за Палевски која Министерството за внатрешни работи ја распиша вчера.
Спасовски ја објасни траекторијата по која се движел Палевски. Откако пристигнал во Србија, тој со друго лице низ Бугарија заминал за Турција, во градот Баликесир. По оперативни сознанија од турската полиција и потврда дека е тој таму, Палевски имал план со такси да замине за Истанбул, но се вратил во Баликесир, каде доцна попладнево е уапсен од турската полиција.
„Апсењето на Палевски беше конечната алка во надлежност на МВР, за сосема да ги разобличиме овие монструми и сторители на овие тешки кривични дела. Постапката за екстрадиција на Палевски оди сега во Министерството за правда“, изјави министерот Оливер Спасовски.
Спасовски упати благодарност за соработката до пријателска Турција, Србија и Бугарија и до министрите за внатрешни работи на овие држави, но и до колегите од Хрватска кои самоиницијативно известиле дека извршиле проверки на нивната територија. Се заблагодари и за соработката со Интерпол.
„Ако сакаме мир во душите, правдата мора да биде целосна и до крај спроведена“, нагласи министерот Спасовски.
Зборувајќи на вонредната прес-конференција, Спасовски рече дека е изготвена на 100 страници кривичната пријава против пет лица за грабнувањето и убиството на 14- годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Во кривичната пријава опфатени се пет лица, едно лице за грабнување и убиство, тројца за соизвршување, едно за помагање. Нагласи дека предметот сега е во надлежност на Обвинителството.
