Македонија

Во Баликесир, во Турција уапсен Љупчо Палевски-Палчо

06.12.2023 08:32

Љупчо Палевски, уапсен во Баликесир во Турција. Осомничен е за организирање, грабнување и за убиството на малата Вања и на велешанецот Панче Жежовски. МВР до Обвинителството поднесе 5 кривични пријави за 4 лица, подготвени на 100 страници. Правда ќе поднесе барање за екстрадиција на Палевски...

Љупчо Палевски-Палчо уапсен во турскиот град Баликесир, осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Се товари дека е креаторот, планерот, главниот координатор и директниот извршител на свирепо двојно убиство. Министерот за внатрешни работи Спасовски објасни дека Палевски прво бил однесен со возило во Србија од неговиот адвокат, потоа со друго возило во Бугарија, од каде стигнал во Турција. Турската полиција го уапсила додека се движел пеш покрај автопат, без да дава отпор.

Полицијата пронашла два пиштола, ќе се утврдува дали со нив се убиени 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче. Спасовски потврди дека е најден и мобилниот телефон на Вања. Точните причини за смртта ќе се знаат од ДНК-анализите по обдукцијата. МВР поднесе кривична пријава, на сто страници, против пет лица осомничени за извршување и соучесништво во двојното убиство.

Палевски ќе биде во екстрадициски притвор сè додека не биде спроведен во Македонија, а потоа и изведен пред лицето на правдата. 30-дневен притвор на Палчо му беше определен веднаш по неговото бегство.

 

Милчо Велески