Израел-Хамас

Израел ги засили бомбардирањата на југот на Газа

06.12.2023 09:43

Израел со најсилни воени дејствија во Газа од почетокот на конфликтот со Хамас. На социјалната мрежа „Икс“ објавена снимка како војниците ја кренале во воздух главната зграда на судот во енклавата, позната како Палата на правдата. Нетанјаху со порака до Вашингтон – нема да има палестинска власт во Газа по војната...

Израелската армија во срцето на Кан Јунис. На југот од Газа се водат најжестоките борби од почетокот на војната. Почната е третата фаза од копнената офанзива-тврди одбраната. Извршени напади врз повеќе од 250 цели. Погодени упоришта на Хамас. Се разбива воената инфраструктура на терористите.

„Израелските одбранбени сили се борат во Кан Јунис. Военото крило на Хамас има две доминантни дивизии – центри на гравитација на терористичката организација. Бригадата на Газа и на Кан Јунис. Нашите сили напредуваат во разбивање на воената инфраструктура на Хамас“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

„Преминавме во третата фаза од копнените операции. Обезбедивме многу упоришта на Хамас во северниот дел на појасот газа. Сега целиме кон југ. Речиси во секоја зграда и куќа наоѓаме оружје на терористите“, изјави Херзи Халеви, воен началник на генералштабот на Израел.

Газа мора да се демилитаризира. Тој рече дека по војната, Израел ќе ја задржи контролата над енклавата.

„Елиминиравме половина од командантите на полкот на Хамас. Се пресметуваме со сите што киднапираа, беа соучесници, убиваа, масакрираа, силуваа. Ги прашувам организациите за правата на жените, за човекови права, сте слушнале за силувањата на израелските жени, ужасните злосторства – каде сте по ѓаволите? Очекувам сите цивилизирани лидери, влади, нации да зборуваат гласно против ова злосторство“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Хамас ги негира тврдењата на Тел Авив. Милитантите велат дека сè додека не запре агресијата, ниту ќе има преговори, ниту ќе има размена на заложници за затвореници.

„Ционистичките тврдења и лаги дека некои жени биле силувани доаѓаат за да ги сокријат сликите на добар третман што ционистичките доселеници и странци го добија во Газа. Овие слики му пречеа на ционистичкиот ентитет кој очајно се обидуваше да го сатанизира нашиот непоколеблив народ и цврст отпор“, изјави Осама Хамдан, претставник на Хамас во Либан.

Од Светската здравствена организација велат дека ситуацијата во енклавата се влошува секој час, а хуманитарната катастрофа станува е сè поголема. На Газа и се заканува глад.

 

 

Бојана Крстевски