Економија

Германските инвеститори ја пикираа Македонија

03.06.2014 17:51

Македонија станува атрактивна бизнис – дестинација за германските инвеститори. Во изминатиов период, повеќе компании од економски најмоќната држава во Европа, се решија да отворат свои капацитети во земјава...

Дрекселмајер во Кавадарци, Кромберг и Шуберт во Битола, Марквард во Велес, ОДВ Електрик во Охрид, Техникал текстил во Штип. Сè повеќе германски компании ја пикираат Македонија како дестинација за своите деловни потфати. Дел од нив веќе активно работат, дел почнаа со изградба на своите фабрики, дел ги донесоа финалните одлуки да инвестираат во земјава.

„Со секоја нова германска инвестиција во Македонија се отвора можноста за привлекување нови германски компании во земјава. Дополнително, се отвораат можности за домашните компании позасилено да соработуваат со германските инвеститори“, изјави Маријан Малинов, генерален секретар на македонско – германско стопанско здружение.

Само овие пет компании ќе креираат нови 9.000 работни места. Најголем дел од нив се во Дрекселмајер, каде што во моментов има вработено 4.400 луѓе. Вкупната вредност на инвестициите од овие пет гиганти изнесува околу 120 милиони евра, од кои 70 милиони отпаѓаат на Марквард и на Дрекселмајер. Според Малинов, има неколку прични зошто германските компании се решаваат за Македонија.

„Пред сè, тоа се добрите услови што им се нудат на странските инвеститори, евтината работна сила, но и кампањата што ја води македонската Влада во странство за привлекување странски инвеститори“, додава Малинов.

Според податоците на Народна банка,  во првото тримесечје влегле 119 милиони долари странски инвестиции, од кои германски се околу 10 милиони.

 

Мартин Пушевски