САД

Ново изборно соочување Бајден – Трамп

06.12.2023 11:37

Бајден ја прифаќа фрлената ракавица. Американскиот претседател вели дека иако првично не бил сигурен дека ќе бара нов мандат, тоа се променило откако Трамп најави повторна кандидатура …

Се вжештува претседателската трка во Соединетите Американски Држави. Во фокусот на американската јавност – актуелниот шеф на Белата куќа од редовите на демократите и поранешниот претседател, републиканецот Доналд Трамп. За Бајден изборите во 2024-та година се прашање на опстанок на американската демократијата. Вели, единствена причина за неговата повторна кандидатура е Трамп и неговите приврзаници, за кои тврди дека се решени да ги урнисаат демократските институции на земјата.

„Да не се кандидираше Трамп, не сум сигурен дека ќе се кандидирав и јас. Не смееме да му дозволиме да победи“, нагласи Бајден.

Трамп во негов стил ја продолжува предизборната трка. Себеси се опишува како спасител на американската држава. Најавува одмазда во името на неговите поддржувачи и ветува, доколку се врати во Белата куќа ќе ги искорени „штетниците“ во земјата. Не, вели Трамп, овојпат нема да бидам диктатор, освен првиот ден кога ќе ја затворам границата. Обвинува дека сакаат да го замолчат.

„Тие се плашат да зборувам, бидејќи ја зборувам вистината. Тие се обидуваат да ме замолчат. Никогаш во историјата на нашата земја не се случило ова. Но, знаете, тие даваат вакви наредби затоа што не сакаат да ја слушнат вистината. Не сакаат да ме слушаат како зборувам“, рече Трамп.

Трамп, на изборите во 2020 година беше поразен од Бајден, но тој до денес одбива да го признае поразот, тврдејќи дека имало изборни измами. Неговите поддржувачи во на 6-ти јануари 2021-ва година упаднаа во Капитол Хил, додека Трамп преку малите екрани ги следеше настаните од овалната соба.

Подоцна за Трамп следуваа неколку кривични пријави, за овој, но и за други случаи поврзани со поткуп и влијание. Бајден, пак, се соочува со „импичмент“ во претставничкиот дом, најавен за наредната недела. Причина истрагата на Републиканците за наводни деловни зделки на членови од неговото семејство.

Маја Стојанова