Ситуација во Газа се влошува од час на час
Израелската армија стигна до центарот на Кан Јунис – Нетанјаху вели, во моментот нема изгледи дека заложниците ќе се вратат дома. Хамас порачува – додека агресијата не престане, нема ниту преговори, ниту размена. Обединетите нации предупредуваат на глад во Газа...

Израелската армија во срцето на Кан Јунис. На југот од Газа се водат најжестоките борби од почетокот на војната. Почна третата фаза од копнената офанзива. Погодени над 250 цели. Се разбива воената инфраструктура на терористите.
„Преминавме во третата фаза од копнените операции. Обезбедивме многу упоришта на Хамас во северниот дел на Појасот Газа. Сега целиме кон југ. Речиси во секоја зграда и куќа наоѓаме оружје на терористите“, изјави Херзи Халеви, воен началник на генералштабот на Израел.
Додека напредува офанзивата, Тел Авив повторно со апел до меѓународната заедница и црвениот крст да се овозможи пристап до заложниците што ги држи Хамас.
„Од разузнавачки информации можам апсолутно со сигурност да кажам дека секоја минута во заробеништво на Хамас ги загрозува нивните животи. Ова е итен повик до меѓународната заедница, Црвениот крст мора да пристапи до нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Сè додека не запре агресијата, ниту ќе има преговори, ниту ќе има размена на заложници за затвореници, вели Хамас.
„Посредниците вложија напори, но страната што ги блокираше овие напори е окупацијата. Нетанјаху го испука куршумот за милост на овие напори кога се сретна со семејствата и им рече дека нивните најблиски нема да се вратат наскоро“, изјави Осама Хамдан, претставник на Хамас во Либан.
По војната Израел ќе ја задржи контролата во енклавата. Газа мора да се демилитаризира, а тоа може да го спроведе само израелската војска, дециден Нетанјаху.
„Ниту една меѓународна сила не може да биде одговорна за ова. Видовме што се случува во другите места кога беа донесени меѓународни сили за да се спроведе тоа. Не сум подготвен да ги затворам очите и да прифатам каков било друг аранжман“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Од СЗО велат дека ситуацијата во енклавата се влошува секој час, а хуманитарната катастрофа станува сè поголема. Газа соочена со глад и болести.
„Не можеме да си го дозволиме тоа што се случи на север. Блиску сме до најтемниот час на човештвото. Бесмисленото губење животи мора да престане. Потребен е траен прекин на огнот“, изјави Ричард Пиперкорн, претставник на СЗО на окупираната палестинска територија.
Може да поминат месеци пред да се изврши доволен притисок врз Хамас за да се отвори можност за ново примирје – пренесе израелското армиско радио. Израел соопшти дека почнал со тактички паузи во областа на Рафа за хуманитарните потреби.
Бојана Крстевски
