Палевски да биде задржан во притвор, побара Министерството за правда од турските власти
Оттаму велат дека очекуваат Турција веднаш да постапи по нивното барање...

Министерството за правда информира дека од надлежните турски власти побарале Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да биде задржан во притвор поради екстрадиција сè до завршувањето на постапката. Оттаму велат дека очекуваат Турција веднаш да постапи по нивното барање.
„Министерството за правда денеска во 09:20 часот доби официјално известување од Интерпол, дека лицето Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница е лишен од слобода во Турција. Министерството за правда ја отпочна постапката за екстрадиција и ги прибира сите документи од институциите кои се потребни за нејзина реализација. Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите како би можело Министерството за правда да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, информираат од Министерството правда.
Од Министерството велат дека за сите активности ќе информира навремено.
