Завршува скрининг-процесот
Премиерот Ковачевски и вицепремиерот Маричиќ, кој е главен преговарач на земјава со ЕУ, се во Брисел за последната сесија којашто е посветена на поглавјата надворешни односи и заедничка надворешна и безбедноста политика. Со ова практично завршува оваа фаза од преговорите со ЕУ. Следен чекор за продолжување на патот се уставните измени…

По 15 месеци, заврши скринингот со последната сесија за кластерот 6, поглавје 30-надворешна политика и поглавје 31-заедничка надворешна и безбедносна политика. Премиерот Ковачевски истакна дека се работи на измени и нови регулативи во неколку области.
„МНР усогласувајќи се со хуманитарната политика, подготви закон за меѓународна хуманитарна соработка и помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025-та година“, изјави премиерот Ковачевски.
Уставни промени нема да се случат до крајот на рокот бидејќи нема политичка клима за постигнување двотретинско мнозинство поради ставовите на опозицијата, оценува шефот на државата. Според него, продолжувањето на евроинтеграцијата ќе падне на новата влада.
„Јасно е. Ќе чекаме следна влада, следен парламент кој ќе треба многу сериозно да го земе предвид ова прашање и ќе биде интересно да се види ако нема промена на власта, како ќе реагира сегашната опозиција, евентуално утрешната власт, па да треба да ја моли денешната власт, утрешната опозиција да гласаат со две третини“, изјави претседателот Пендаровски.
Не е исполнет условот за отворање на поглавјата, па целиот процес ќе застане и ќе остане на новата влада по изборите, оценува Кржаловски од МЦМС.
„Претпоставувам дека и новата власт ќе оди на тоа да се издејствуваат некакви измени, и дека тоа е поентата на опозицијата во моментот, да не ги гласаат тие. Колку ќе се сменат, ќе видиме кога ќе биде време“, рече Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
По скрининг-процесот, пред отворањето на поглавјата треба да се подготват патоказите за владеењето на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирање на демократските институции, како и акциски план за заштита на припадниците на малцинствата и заедниците.
Ирина Гелевска
