Започна постапката за екстрадиција на Палевски
Првоосомничениот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски уапсен во Турција. Властите бараат негова екстрадиција во земјава. Се комплетираат документите, нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето, велат од Министерството за правда. Обвинителството веќе го достави барањето…

Итно почна постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција, се комплетираат документите, нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето, велат од правда. Побарале од турските власти Палевски да биде задржан во притвор сè до завршување на постапката за екстрадиција. Очекуваат од Турција веднаш да постапи по барањето. За неговото лишувањето од слобода добиено е и официјално известување од Интерпол.
„Направени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје за да се комплетираат уредно списите за Министерството за правда да може да постапува. Во координација сме со сите засегнати институции за да постапиме веднаш и нема да чекаме да измине рокот од 40 дена за да го доставиме барањето за екстрадиција“, велат од Министерството за правда.
Обвинителството веќе го достави барањето до Министерството за правда.
„Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница“, велат од Обвинителството.
Премиерот Ковачевски од Брисел ја потенцираше важноста на меѓународната поддршка која ја доби македонското МВР во лишувањето од слобода на првоосомничениот за двојното убиство.
„Вчеравечер нашето МВР доби известување од колегите од Република Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и е лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходно, на 04.12.2023, беше распишана итна меѓународна потерница од страна на Интерпол“, изјави премиерот Ковачевски.
По завршувањето на постапката за екстрадиција пред странската држава се договара преземањето на лицето преку министерствата за внатрешни работи. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат истрагата да се прошири, велат Палевски со толку кривични пријави и со говорот на омраза предолго бил толериран.
Сунчица Николоска
