Костадиновска-Стојчевска: Над 78 милиони денари поддршка за трите национални установи од културата во Штип
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Штип, при работната посета на институциите од областа на културата заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакна дека градот под Исарот покажува успешно работење во културата и негувањето на автентичните културни вредности. Министерството за култура ќе продолжи да вложува во културата во Штип, да создава услови и поволна клима за нејзин развој...

„Владата и Министерството за култура се свесни дека културата нè дефинира како народ и го зајакнува нашето чувство за припадност. Културата е инвестиција во нашата потпора“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека Министерството за култура континуирано, секоја година, ја зголемува поддршката за проекти што се од национален и државен интерес.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека сите проекти што се предвидени во програмите на националните установи во Штип се реализираат тековно, а, како што рече, од огромна важност е што се реализираат проекти и инвестиции со сопствени средства, со што се демонстрира домаќинско работење и менаџерски однос во културата.
Во изјавата за медиумите, министерката за култура истакна дека Министерството за култура вложува во библиотечната дејност и за оваа установа годинава се обезбедени речиси 18 милиони денари, од кои над милион денари за програмски активности.
Костадиновска-Стојчевска потсети дека во последните три години над шест милиони денари се вложени во инвестиции во објектот на Центарот за култура во Штип, буџетски средства и сопствени приходи на институцијата.
„Сакам да напомнам дека градот Штип се гордее што токму овде функционира првата културна институција со сончева централа на покривот. Центарот за култура „Ацо Шопов“, преку проектот „Енергетски ХАБ“, покажа дека е вистински пример за успешно јавно-приватно партнерство. Резултатите од овој проект се помали сметки за струја, подобри услови при следењето и создавањето на културните настани и, секако, придонес за почиста и здрава животна средина во Штип. Ваквите иницијативи се за поздравување и треба да ги следат и другите установи од областа на културата“, изјави Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека грижата за подобрување на условите за функционирање на нашите национални установи продолжува.
Министерката за култура го поздрави и успешното функционирање на првата регионална канцеларија „МладиХаб“ во Штип, која се наоѓа во објектот на Центарот за култура.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на заштитата на нашето археолошко, архивско, архитектонско богатство градено со векови, за кое рече дека континуирано е поддржано од Министерството за култура.
„Вложуваме и во заштитата на културното наследство. Се грижиме за нашето антифашистичко културно наследство. Ветивме и го саниравме Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата во Штип, исклучително значајно дело од архитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век“, рече Костадиновска-Стојчевска.
