САД очекува новото раководство на ЕУ да биде силен сојузник и партнер

04.06.2014 09:59

Резултатите од европските избори со интерес се следат во Соединетите американски држави. Америка очекува и во иднина во Европската унија да има силен сојузник и партнер...

Малиот одѕив на европските избори е разочарувачки, оценуваат ирскиот и британскиот амбасадор во Вашингтон. Според нив зголемувањето на евроскептицизмот и популизмот во Европската Унија е одраз на економската криза, но генерално Европејците се за европска интеграција.

„Мислам дека е повик за будење за голем број на европски влади и е покажател дека Европа треба да се подготви подобро за иднината. Да може подобро да одговара на предизвици, да е подемократски одговорна, пофлексибилна и поконкурентна“, изјави Питер Вестмакот, британски амбасадор во САД.

„Мислам дека одѕивот беше разочарувачки во однос на претходните европски избори. Кога имате 43 проценти коишто гласале и 57 проценти коишто останале дома, покажува на појава на незаинтересираност и рамнодушност“, смета Ен Андерсон, ирски амбасадор во САД.

Економските експерти во Вашингтон, оценуваат дека во иднина, предизвик за Европа ќе биде малиот економски раст и невработеноста.

„Ние сметаме дека во моментов европската економија во просек ќе има економски раст од половина процент. Тоа е недоволно за да се стабилизира и намали невработеноста“, вели Реза Могадам, директор на Европскиот оддел на ММФ.

„Политичките дебати мора да се фокусираат на прагматичен одговор на предизвиците со кои се соочува Унијата и земјите членки, најмногу невработеноста и заштитата“, изјави Жак Мистрал, поранешен француски министер за финансии.

Според аналитичарите во Вашингтон, најголеми шанси за нов Претседател на Европската Комисија имаат Жан Клод Јункер и Мартин Шулц. 

Соединетите Американски држави очекуваат од новото европско раководство да ги продолжи преговорите за Договорот за слободна трговија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ