Интервју со проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска по повод наградата „13 Ноември“

Здравкова- Џепароска: Давам сè од себе да бидам достојна на својата професија и на својата земја

07.12.2023 11:51

Кога зборуваме за личности, а пред сè професионалци во својата област, не можеме, а да не ја споменеме проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска која повеќе децении несебично се вградува себе си во танцот и теоријата на танцовата уметност. Нејзината посветеност и стручност ја вбројуваат во ретките вистински познавачи на оваа благородна и тешка уметност којашто таа преку своите научни трудови и својата педагошка работа ја промовира вон границите на нашата држава со што Република Северна Македонија достојно е претставена на ова поле во светски рамки.

Професор д-р Соња Здравкова-Џепароска е актуелен продекан за настава и наука на Факултетот за музичка уметност при Унивезитетот „Св. Кирил и Методиј“. Своите додипломски студии од областа на балетската педагогија ги завршува на реномираниот институт за театарска уметности ГИТИС во Москва, каде и е доделен научен степен магистер по уметности. Магистрира и докторира театрологија на Факултетот за драмски во Скопје. Во тек на својата триесет и две годишна педагошка кариера минува низ едукативната вертикала преку сите степени на образование. Едуцира плејада на извонредни балетски играчи кои играат на сцената на Националната опера и балет во Скопје, но и на сцените на Њујорк, Милвоки, Сан Антонио, Берлин, Љубљана итн. Освен педагошката работа Здравкова-Џепароска паралелно е посветена и на развивање на балетската теорија, на што резултат се шест книги, педесетина стручни текстови публикувани генерално во странство (Португалија, Швајцарија, Индија, Русија, Полска, Унгарија, Бангладеш, Словенија, Литванија итн.). Со учеството во меѓународните истражувачки проекти таа ја промовира македонската култура постојано и многу валидно, а дел е и од уредништвата на повеќе интернационални изданија од областа на танцот и музиката.

Директен повод за ова интервју е наградата 13 Ноември од областа на образованието и воспитанието којашто оваа година проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска ја доби заедно со проф. д-р Бона Бајрактарова.

Што за вас претставува ова највисоко признание на Град Скопје?

Наградата 13 Ноември односно наградата на градот Скопје барем за мене има особено значење. Скопје како крвоток се провлекува во семејната историја од крајот на 18 век. Тоа е град со кој го поврзувам животот на три генерации. Покрај сите мои патувања, студиите во странство, опциите за работа во странство јас постојано му се враќам на мојот роден град. Многумина велат наградите се поттик за уште поголем вложен труд, јас на тоа гледам од сосем поинаков агол, наградата, особено оваа 13 Ноември, претставува признание за моите достигнувања. Тоа значи дека луѓето ја препознаваат и вреднуваат целокупната едукативна, научна активност која ја имам. Особено значи сознанието дека оставате некаков белег врз животот на градот, придонесувате за развој на одреден област и конечно барем за малку сте успеале да го унапредување образованието и воспитанието. И за сето сторено сте наградени. Особено им благодарам на предлагачите кои ја иницираа кандидатурата и на комисијата и одборот за изборот.

Вие сте дел од креативниот тим кој во моментов се наоѓа среде еден значаен проект посветен на 100 годишнината од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура Ацо Шопов – претставата „Молитви на моето тело“. Кој беше Вашиот предизвик во овој проект?

Како дел од еден навистина креативен тим се наоѓам пред еден мошне значаен проект поврзан со годината посветена на 100 годишнината на Ацо Шопов која своја завршница ќе добие на неговиот роденден, 20 декември, со претставата „Молитви на моето тело“. Идеен творец на проектот е Александар Ношпал кој воедно ги подготвува и костимите. Јас ја подготвив драматуршката предлошка врз истоимениот циклус песни. Кореографскиот тим е составен од Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова. Музиката е подготвена од композиторите Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски. Сценографијата ја работи Михајло Стојановски, додека визуелните ефекти ги подготвува Флоријан Чанга. Во делот на филмските секвенци и нивна монтажа е ангажиран Доријан Миловановиќ, додека мултимедијата и графичкиот дизајн го работи Лазе Трипков. Секвенци од стиховите на Шопов ќе прозвучат преку поетското читање на актерот Никола Ристановски.

Проектот беше предизвик за мене од неколку аспекти. Како драматург требаше најсуптилните нијанси на поетската реч на Шопов да ги преведам во концепт кој ќе интегрира три тематски циклуси. Врз основа на овие циклуси кореографско-композиторските тимови ја материјализираа самата идеја. Од друга страна, требаше да се внимава на поврзувачките нишки кои ја пренесуваат и движат изведбата во различните тематики преку емоционалните и естетските композити. За целиот процес на создавање на драматургијата моите промислувања се опфатени во текстот „Тело кое пишува“ поместен во последниот број на списанието „Културен живот“. Веќе сме во завршна фаза од подготовките и можам да кажам дека ќе имаме одлична, нестандардна и уникатна претстава.

Покрај подготовките на оваа претстава пред вас се и обврските кои ги носи функцијата продекан за настава и наука. Освен оваа претстава што се случува со вашата педагошка и истражувачка работа?

Обврските кои ги носи функцијата продекан за настава и наука се комплексни и обемни. Стандардните задолженија околу организација на настава и нејзино непречено одвивање се нешто на кое мора секојдневно да му се посветите. Тоа е континуиран процес во кој работите треба прецизно да се испланираат и координираат, а проблемите да се решаваат брзо и ефикасно. Јас навистина максимално се трудам да одговорам на барањата на оваа функција.

Покрај овие обврски задолжени сте и за научниот дел кој вбројува организирање на научни предавања, симпозиуми и сл. Ве исполнува ли тоа?

Да. Ме исполнува и ме инспирира. Задолжена сум и за научниот дел кој подразбира организирање на научни собири, предавања итн. Заедно со ФДУ односно со колешката Ана Стојаноска го уредуваме единственото списание за изведувачки уметности Арс Академика кое претставува мост на домашната со меѓународната научна мисла од оваа сфера. Освен тоа на ФМУ ни претстои еден голем проект со Универзитет од Турција како резултат на ЕРАЗМУС програмите кој е научен, а интегрира истражувања, конференција и публикација.

Во кои други меѓународни активности сте вклучени?

Освен овие активности вклучена сум во повеќе меѓународни проекти од кои некои се во завршна фаза. Би го споменала проектот за Музичка младина на Југославија, односно отворањето на архивите на Југославија кои ги содржат материјалите поврзани со оваа организација. Во тек е публикување на книга од истражувањата во која учествуваа истражувачи од поранешните југословенски републики. Уште една за мене особено значајна статија е во фаза на публикување од страна на Етнографски институт на САНУ и Ансамблот „Коло“.

Во текот на месец ноември ги презентиравте резултатите од истражувачкиот проект „На извориштето на македонскиот театар, 1913-1941“. Што опфати овој проект?

Да, ноември беше месец кога ги презентиравме резултатите од истражувачкиот проект „На извориштето на македонскиот театар, 1913-1941“ преку серија предавања и изложба на плакати, критики и фотографии од овој период.

Подготвувате уште еден текст и две монографски изданија. На која тема?

Во подготовка е уште еден текст кој го третира танцот мултидисциплинарно наменет за реномирано списание од Западна Европа. И точно, можам да најавам и две монографски изданија поврзани со македонскиот балет. Тоа би било сосем накусо она што како актуелни задачи ги имам во мојот работен распоред. Тековно секогаш се судираме со нови задачи, предизвици и проекти.

И на крајот на овој разговор би Ве прашала што за нас како држава значи афирмацијата на македонската научна мисла надвор од нашите граници?

Она што е мошне значајно и што го осознав низ текот на сите овие години на работа е потребата од афирмација и пласман на македонската научна мисла надвор од границите на Македонија. Затвореноста, херметизацијата носи невидливост во глобалниот простор, а тоа е погубно за нас. Не сакам ова интервју да го завршам песимистички, но секој од нас може и мора да се залага за подобрување на статусот на научната мисла, статусот на уметноста пошироко, подалеку и подлабоко.

Ви благодарам за разговорот и се надевам дека со иста љубов и посветеност ќе продолжите да работите и понатаму.

Јас како интелектуалец давам сè од себе да бидам достојна на својата професија и на својата земја. Ви благодарам за поканата.

 

Сандра Титизова