Проширена израелска офанзива на југот, Нетанјаху задоволен
Палестинскиот амбасадор во ООН заедно со делегација на Арапската група, во посета на Вашингтон. Дополнително влошени условите за достава на помош во Газа. По притисокот на САД, Израел повторно дозволи зголемување на количествата на гориво. Нетанјаху задоволен од текот на офанзивата во појасот…

Палестинскиот амбасадор во ООН заедно со делегација на Арапската група, во посета на Вашингтон за да извршат притисок врз САД да преземе поголемо учество во ставањето крај на војната во Газа.
„Првпат шефот на ОН, Гутереш, се повика на членот 99 за да го принуди Советот за безбедност да се занимава со војната во Газа. Не можеме да продолжиме понатаму, без Советот за безбедност да ја преземе својата одговорност и да дејствува или реагира на нацрт-резолуцијата која повикува на прекин на огнот“, изјави палестинскиот амбасадор во ООН, Ријад Мансур.
Повикувањето на ретко користената клаузула во повелбата на организацијата, Гутереш го правда за да се спречи поголема хуманитарна катастрофа во палестинската енклава.
„Според членот 99, генералниот секретар може да му посочи внимание на Советот за безбедност за секое прашање, што според него, би можело да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.
Потегот на Гутереш наиде на силна осуда од страна на израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен, кој го обвини шефот на ОН дека го поддржува Хамас, а дека неговиот мандат е опасност за светскиот мир.
Во исто време, израелските сили ги пробија одбранбените линии во Џабалија, Шијаја и Кан Јунис.
„Терористите сега излегуваат од подземјето и се борат против нашите сили, лице в лице. Напредуваме. Домот на лидерот на Хамас, Синвар, е областа Кан Јунис. Таму има терористичка инфраструктура, командни центри. Тој се крие под земја, а наша задача е да го најдеме и убиеме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Премиерот Нетанјаху задоволен од текот на офанзивата.
„Реков дека нашите сили можат да стигнат каде било во појасот Газа. Синвар може да избега, но прашање на време е кога ќе го фатиме“, порача Нетанјаху.
Проширената израелска офанзива на југот, дополнително ги влоши условите за достава на помош за најпогодените и расели уште десетици илјади Палестинци. По притисокот на САД, безбедносниот кабинет на Израел повторно дозволи зголемување на количествата гориво за Газа.
Бојана Крстевски
