Израел-Хамас

Арапската група во посета на Вашингтон за ставање крај на војната во Газа

07.12.2023 14:57

Арапската група во обид да изврши притисок врз САД за ставање крај на војната во Газа. Шефот на ООН Гутереш се повика на ретко користена клаузула во повелбата на организацијата и упати итен апел за прекин на огнот. Потегот на Гутереш осуден од Израел. На терен борбите продолжуваат...

Палестинскиот амбасадор во ООН заедно со делегација на Арапската група, во посета на Вашингтон за да извршат притисок врз САД да преземе поголемо учество во ставањето крај на војната во Газа.

„Првпат шефот на ОН Гутереш се повика на членот 99 за да го принуди Советот за безбедност да се занимава со војната во Газа. Не можеме да продолжиме понатаму без Советот за безбедност да ја преземе својата одговорност и да дејствува или реагира на Нацрт-резолуцијата која повикува на прекин на огнот“, изјави Ријад Мансур, палестински амбасадор во ООН.

Гутереш потегот го правда за да се спречи поголема хуманитарна катастрофа.

„Според членот 99, генералниот секретар може да му посочи внимание на Советот за безбедност за секое прашање што според него би можело да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

Израелскиот министер за надворешни Коен, обвини дека мандатот на шефот на ОН е опасност за светскиот мир. Во исто време, израелските сили ги пробија одбранбените линии во Џабалија, Шијаја и Кан Јунис.

„Терористите сега излегуваат од подземјето и се борат против нашите сили лице в лице. Напредуваме. Домот на лидерот на Хамас, Синвар е областа Кан Јунис. Таму има терористичка инфраструктура, командни центри. Тој се крие под земја, а наша задача е да го најдеме и убиеме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Нетанјаху задоволен од текот на офанзивата. Изјави дека неговите сили можат да стигнат каде било во Појасот. Но тоа, дополнително ги влоши условите за достава на помош за што реагираа СЗО и ОН. Израел тврди дека планира да го отвори преминот Керем Шалом за да ја забрза испораката.

„Ги проширивме инспекциите во Ницана за да го убрзаме процесот, но проблемот е во неможноста на агенциите на ОН да ја соберат целата меѓународна помош која по проверките оди во Рафа. Затоа во наредните денови ќе го отвориме Керем Шалом за да се увериме дека ќе можеме да прегледаме над 200 камиони дневно“, изјави Елад Горен, координатор на владините активности на териториите.

По притисокот на САД, безбедносниот кабинет на Израел повторно дозволи зголемување на количествата гориво за Газа.

 

 

Бојана Крстевски