правда

Испратено барањето за екстрадиција на Палевски

07.12.2023 15:01

Министерот за правда го испрати барањето за екстрадиција до турските власти. Официјалниот документ покрај до турското Министерство за правда е испратено и до Интерпол. Колку ќе трае екстрадицијата за Палевски ќе зависи од процедурите во Турција, вели Лога...

Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо-првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е испратено до властите во Турција, а потоа и министерот за правда Лога директно ќе контактира и со неговиот турски колега. Очекува позитивен одговор и за кратко време Палевски да биде донесен во земјава. Колку би траела целата постапка зависи од институционалните процедури во Турција, вели Лога.

Земјава најпрвин мора да ги достави сите документи кои се бараат за екстрадицијата на Палевски, а жалбената постапка би траела подолго и би се одвивала на повеќе нивоа, вели професорот по Кривично право Гордан Калајџиев. Тој појаснува дека додека се одобри барањето од Македонија, најпрво лицето кое е уапсено од турските власти по меѓународна потерница ќе биде сослушано од управните власти, а подоцна одлука треба да донесе високиот Кривичен суд на Турција. Последниот филтер е на политичко ниво.

Барањето за екстрадиција на кој стои потписот на министерот Лога, доаѓа откако Палевски беше уапсен во градот Баликесир, во Турција. Меѓународната потерница по него беше издадена на 4-ти декември, а апсењето се случи ден потоа. Основното јавно обвинителство го сомничи Палевски за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата се опфатени уште четири лица.

 

Викторија Милевска