Ковачевски: СДСМ и ДУИ сè уште не разговарале за името на техничкиот премиер
„Не сме разговарале со ДУИ за технички премиер“, уверува Ковачевски. Во СДСМ почна внатрепартиската процедура за избор на кандидат за шеф на државата. ВМРО-ДПМНЕ формираа Републички изборен штаб. На изборна Конвенција во март ќе одлучат со кој фаворит ќе се тркаат на претседателските избори...

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за името на техничкиот премиер сè уште не разговарале со раководството на Демократската унија за интеграција. За изборниот настап, Ковачевски вели дека СДСМ има веќе одлука на Извршниот комитет и дека ги повикуваат сите политички партии, без разлика на нивната идеолошка и етничка припадност, да им се придружат во широк Европски фронт што ќе се залага, Северна Македонија до 2030-та година да стане членка на Европската унија.
Тој повтори дека во СДСМ е почната внатрепартиската процедура за избор на кандидат за претседател.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се подготвуваат за парламентарните и претседателските избори. Формираа Републички изборен штаб, а на Изборна конвенција на 2-ри март ќе одлучат за претседателскиот кандидат. Очекуваат, како што нагласија од партијата, голема историска победа на парламентарните и за изборите за шеф на државата, за коренити промени во државата. Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека тоа е неопходно, за како што велат, да се спречи економската пропаст на земјава и да се искорени корупција во голема мерка во Македонија, и да се извлече Македонија од провалијата којашто СДСМ и ДУИ ја турнаа во последните седум години.
Игор Панов
