Образование

Земјата со години се соочува со криза во учењето

07.12.2023 17:21

Лоши се резултатите од тестирањето на ПИСА. Претставничката на УНИЦЕФ Ди Џовани, ги повикува сите лидери на политички партии да се заложат структурните реформи во образованието.претседателот на Владата, Ковачевски, вели резултатите се порака и до учениците и до наставниците и до родителите дека треба повеќе да се чита, треба да се користи литература...

Државата треба да биде сериозно загрижена од најновите резултати од тестирањето ПИСА што покажуваат уназадување во резултатите од учењето на учениците во читање, математика и природни науки. Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, ги повикува сите лидери на политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален меѓупартиски приоритет. Резултатите покажуваат дека 74% од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати во читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати во математика и природни науки. Земјата со години се соочува со криза во учењето.

Претседателот на Владата, Ковачевски, вели резултатите од ПИСА се порака и до учениците и до наставниците и до родителите дека треба повеќе да се чита, треба да се користи литература.

Учениците треба да читаат, но сè уште по некои предмети немаат учебници. На крајот од првото полугодие министерот смирува, за брзо време ќе се заврши.

Одговорноста за резултатот од тестирањето ПИСА е на сите и треба да се дејствува веднаш, алармираат претставниците на УНИЦЕФ.

 

Наташа Јанчиќ Менковски