ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Жестоки борби на југот од Газа, се интензивира израелската офанзива

08.12.2023 10:42

Интензивни борби на југот на Газа. Израел ја продолжува копнената офанзива. Доколку сега заврши војната, исламистичката група ќе продолжи да претставува закана. Белата куќа без конкретен рок до Израел за запирање на конфликтот со Хамас...

Жестоки борби на југот од Газа, улични пресметки и на север-се интензивира израелската офанзива. Во воздушни напади погодени над 450 цели на Хамас-тврди одбраната. Стотици уапсени на распит осомничени за вмешаност во терористички активности.

„Истражуваме кој е поврзан со Хамас, а кој не. Ги апсиме и ги испрашуваме. Ќе продолжиме со уништувањето додека не завршиме – во Џабалија, во Шуџаја, Кан Јунис, и секое друго место каде што треба“, изјави ДаниелХагари портпаролот на израелската одбрана.

Хамас предупредува – се намалуваат шансите за ослободување на заложниците.

„Непријателската војна против нашиот народ нема да ви ги врати вашите синови. Сè додека агресијата не престане, шансите за нивно враќање се намалуваат, можеби засекогаш“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.

Продолжува и вкрстениот оган со Хезболах. Нетанјаху го вклучи црвениот аларм-не почнувајте трета војна со нас!

„Хезболах избира да започне сеопфатна војна, а потоа сам ќе ги претвори Бејрут и јужен Либан, во Газа и Кан Јунис. Ние сме решени да донесеме победа и ќе го направиме тоа со ваша помош“, изјави Бенјамин Нетанјаху.

Тешките борби во и околу јужниот град Кан Јунис раселија десетици илјади луѓе и го отсекоа поголемиот дел од газа со испорака на храна, вода и друга витална помош.

„Нема храна, нема вода. Наскоро ќе се бориме за јадење и пиење. Ова не е живот“, изјави Етимад Хасан, раселена од Газа.

Тел Авив најави отворање на преминот Керем Шалом за да ја убрза испораката на помош. Ситуацијата на Блискиот Исток и палестинското прашање – во фокусот на состанокот на Советот за безбедност на ООН. Арапската група се надева на зелено светло за прекин на огнот. Го поздрави потегот на шефот на ОН Гутереш кој се повика на ретко користената клаузула принудувајќи го советот да се позанимава со војната во Газа.

„Се надеваме дека Советот за безбедност ќе ја усвои резолуцијата и ќе ја послуша храбрата, принципиелна позиција на генералниот секретар. Тоа е показател за тоа колку е опасна ситуацијата во Појасот Газа“, изјави Ријад Х. Мансур, палестински амбасадор во ООН.

Од Белата куќа соопштија дека Израел и Хамас не се ни блиску до нов договор за хуманитарна пауза.

 

Бојана Крстевски