Охрид го чествува „Патронот-Свети Климент Охридски“
Денеска сите патишта во Охрид водат кон Светиклиментовиот храм на Плаошник каде што верниците се поклонуваат пред моштите на светецот. Синоќа се одржа свечена академија во чест на патронот на градот при што на амбасадорот Јордан Плевнеш му беше врачено највисокото општинско признание „Патронот на Охрид-Свети Климент Охридски“ …

Наградата „Патронот на Охрид-Свети Климент Охридски“, највисоко признание на општина Охрид за мене означува една форма на едно временско остварување на епохите и во сите 8 милениуми на Охрид како да лебди Светиклиментовиот лик, како основач на првата школа на хуманизмот во Европа. Ова откако му беше врачено високото признание, го рече амбасадорот Јордан Плевнеш.
Особено значајно за Јордан Плевнеш е тоа што ја востанови Охридската Светиклиментова награда за хуманизам со која се овенчани 17 познати светски хуманисти, великани во својата професија.
„Имаше една голема церемонија во француската академија кога добив Гранд при за животно дело и тогаш беше возбудата многу голема, но тогаш кога прочитав и кога ми го испратија писмото од општината во име на градоначалникот и стручната комисија во мене се роди едно чувство дека само Охрид може да ве дарува со вечност“, изјави Јордан Плевнеш - добитник на наградата „Патронот на Охрид-Свети Климент Охридски“.
Свети Климент Охридски со небесната смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина, рече на свечената академија градоначалникот, Кирил Пецаков.
„Свети Климент е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест“, изјави Кирил Пецаков - градоначалник на Охрид.
На свеченоста беа врачени и три повелби на Христијана Парулеска за врвни успеси во спортот, на интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ и постхумно на Елеонора Чекреџи.
Сашо Нелоски
