Во североистокот селата со неисправна вода
Повеќето од селата во североистокот кои не се приклучени на градскиот водовод, имаат неисправна вода, покажуваат анализите на Центарот за јавно здравје. Во водите е регистрирана појава на бактерии. Во Куманово велат надлежните водата е исправна и безбедна за пиење …

Дваесет отсто од водата во руралните подрачја од североистокот, не е безбедна за пиење, покажуваат анализите на Центарот за јавно здравје Куманово, кој редовно зема примероци. Најчесто велат стручните лица се јавува бактеријата ешерихија коли, но има појава и на поголем процент на концентрација на нитрати. Овие води препорачуваат да не се користат за пиење ниту за готвење. Центарот најчесто во селата зема примероци од вода од училиштата, јавните чешми и домаќинствата. Повеќето села од североисточниот регион не се дел од градскиот водовод.
„Имаме појава на ешерихија коли, ретко имаме појава и на други, овие бактерии се патогени, предизвикуваат лоши заболувања, затоа таква вода не треба да се консумира. Во овие води имаме појава и на нитрати. Тие се штетни по здравјето на човекот, ние препорачуваме такви води да не се пијат, може да се појават анемии по некогаш и се канцерогени“, истакна Бедри Велиу, спец. хигиена Центар за јавно здравје Куманово.
Стручните лица апелираат водата од селата да се проверува барем на три месеци.
Граѓаните кои имаат свои бунари и бушотини здравствените лица препорачуваат самите да ја носат водата за анализа во Центарот за јавно здравје.
Водата во Куманово, како и од чешмите во близина на кумановската бања, информираат од Центарот за јавно здравје е исправна и безбедна. На неделно ниво се анализира во микробиологија и лабораторијата.
Елена Георгиевска
