Се чека екстрадиција на Палевски
Се чека испорака на првоосомничениот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Во притвор заврши и човекот кој го возел Палевски до Турција. Опозицијата критикува дека истрагата потфрлила, СДСМ бара Мицкоски, ако има информации да ги достави до Обвинителството...

По ДХЛ до Министерството за правда на Турција испратен е оригиналниот документ за барање екстрадиција на Љупчо Палевски, првоосомничениот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Од Министерството за правда истото го испратиле и до Интерпол во скенирана форма. Според експертите за оваа меѓународна правна помош траењето на процесот ќе зависи од екстрадициската политика на земјата во која е уапсен. Со оглед дека во Турција таа е доста сложена нашите власти требале да го поткрепат со сериозна документација од надлежните домашни институции. Премиерот Ковачевски во „360 степени“ на МТВ, како причина за случајот прстот го впери во институциите кои ги толерирале претходните кривични и прекршочни дејствија на осомничените. Според него токму неказнивоста резултирала со ваков чин.
Иако експертската јавност во земјава повика на воздржаност од страна на функционерите и политичарите за да не наштетат на самата постапка, партиските штабови не престануваат да лиферуваат соопштенија и да се обвинуваат чиј човек бил Палевски.
Останува отворено прашањето зошто возилото на Панче се движеше слободно по скопските улици и доведе до ново убиство, овој пат на Вања, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ пак го повикуваат лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски ако навистина има поинакви информации за случајот со двојното убиство дека треба да ги достави до ОЈО. Прикривање докази е кривично дело, стои во соопштението на СДСМ.
Фиљана Кока
