Се празнува Св. Климент Охридски – извор на нашата духовност и образование
Со низа настани одбележан 8 Декември - Денот на Св.Климент Охридски, патрон на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Централното чествување се одржа во Националната и универзитетска библиотека, којашто го носи името на светителот. Во Собранието доделени државните награди...

Македонија го чествува споменот на ликот и делото на нашиот најголем просветител, духовник и прв македонски архиепископ. Повеќе од еден милениум, неговиот лик, дело и мисла остануваат нераскинлив дел, не само од македонското, туку од словенското културно наследство. Најдобар начин да се оддаде почит кон безвременското дело со коешто не задолжи патронот на македонската култура, Свети Климент Охридски е да продолжиме со неговата мисија, беше кажано на централната манифестација во Народната универзитетска библиотека, чиј патрон е токму Свети Климент Охридски.
Македонија одбележува под мотото “Свети Климент Охридски - извор на нашата духовност и образование“, а придобивките од неговата мисија и дејност ги чувствуваат не само Македонците, туку и целиот словенски свет. Токму тој бил најталентираниот ученик на светите македонски браќа од Солун, свети Кирил и Методиј. По нивната смрт, нивните ученици се соочиле со страшен прогон, а словенската писменост и култура со опасност од бришење и заборав. А токму Свети Климент ја продолжува мисијата и дејноста на свети браќа Свети Кирил и Методиј и тоа каде ако не во нашиот вечен духовен центар Охрид – каде ја формира Охридската книжевна школа.
Во македонското Собрание доделена државната награда за остварување во областа на воспитанието и образованието. Добитници се е универзитетската професорка Рабије Мурати и филмскиот режисер, Антонио Митриќески.
Празнувања во чест на Свети Климент Охридски се одржаа по православните храмови низ земјава.
Марија Котовска
