Нов снег, службите уверуваат дека се подготвени
Новите врнежи од снег синоќа направија проблем на планинскиот превој Ѓавато. Граѓаните се жалат дека снегот нередовно се чисти. Од „Македонија пат“ уверуваат дека постојано интервенираат и тврдат дека располагаат со соодветна механизација …

Новиот снежен бран кој го зафати битолскиот регион создаде краткотраен прекин во сообраќајот. Снегот не се задржа долго на коловозите, но направи проблем на повисоките планински превои. На Ѓавато беше воведена забрана за движење на тешки товарни возила, а од „Македонија пат“ велат дека употребиле 250 кубни метри абразивен материјал за расчистување на делницата. Оттаму уверуваат дека екипите и механизацијата се подготвени да одговорат на нов снежен бран.
Граѓаните велат дека ја почитуваат законската обврска за задолжително носење зимска опрема и додаваат дека во Битола, каде снегот знае долго да се задржи, ваквата опрема е неопходна. Но, тие се жалат оти снегот не се чисти навреме
Од подружницата на „Македонија пат“ во Битола велат дека имаат доволно количини абразивен материјал. Имаат и лански залихи, а во тек е набавка на нови количини.
Александра Максимовска
