ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Интензивни борби на југот на Појасот Газа

08.12.2023 16:35

Нацрт – резолуцијата за прекин на огнот во Газа пред Советот за безбедност на Обединетите Нации. Израел ги продолжи копнените борби во Кан Јунис. САД не му дадоа рок на Тел Авив за завршување на операцијата против Хамас. Стотици уапсени осомничени се на распит за вмешаност во терористички активности …

Жестоки борби на југот од Појасот Газа, улични пресметки на север, жртви и на двете страни. Во борбите во тунелите убиен син на израелски министер. Заложник загина во неуспешен обид на непријателот да ги ослободи киднапираните – тврди Хамас и предупредува – војната нема да ви ги врати синовите.

„Сè додека агресијата не престане, шансите за нивно враќање се намалуваат, можеби засекогаш“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.

Хамас е под притисок – тврди Израел. Во универзитетскиот кампус Ал-Азхар откриени нови тунели, експлозиви, ракети, фрлачи. Стотици уапсени осомничени за вмешаност во терористички активности.

„Ги апсиме и ги испрашуваме. Ќе продолжиме со уништувањето додека не завршиме – во Џабалија, во Шуџаја, Кан Јунис, и секое друго место каде што треба“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

САД побараа од Тел Авив подобра заштита на цивилите во Газа.

„Останува императив Израел да ги штити цивилите, но, останува и јазот меѓу намерата да се заштитат и резултатите на терен“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Тешките борби раселија десетици илјади луѓе. Помошта тешко пристига. Тел Авив најави отворање на преминот Керем Шалом за да ја убрза испораката.

„Нема храна, нема вода. Наскоро ќе се бориме за јадење и пиење. Ова не е живот“, изјави Етимад Хасан, раселена од Газа.

Советот за безбедност на состанок за прекин на огнот откако шефот на ОН се повика на ретко користената клаузула давајќи надеж за ставање крај на конфликтот. Арапската група се надева на зелено светло. Од Белата куќа соопштија дека Израел и Хамас не се ни блиску до нов договор за хуманитарна пауза.

 

Бојана Крстевски