Кривична пријава и за возачот на Палевски
Се редат кривични за двојното убиство. Полицијата му поднесе пријава и на скопјанецот кој му помогнал на Палевски од Белград да отпатува за Турција. Сите документи за екстрадицијата се испратени, но, случајот стана мегдан и за политичка пресметка – опозицијата критикува дека истрагата потфрлила, СДСМ бара од Мицкоски, ако има информации да ги достави до Обвинителството...

За двојното убиство уште една кривична пријава по брза постапка поднесе полицијата. Возачот кој го пренесе Љупчо Палевски првоосомничениот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски од Белград до Турција се товари за помагање. Со „ленд ровер“, сопственост на струмичка фирма, од 1-ви до 3-ти декември годинава, го транспортирал со цел да му помогне на Палевски да избега и да се сокрие од органите за прогон. Во меѓувреме по ДХЛ до Министерството за правда на Турција испратен е оригиналниот документ за барање екстрадиција на Палевски. Од Министерството за правда истото го испратиле и до Интерпол во скенирана форма. Според експертите за оваа меѓународна правна помош, траењето на процесот ќе зависи од екстрадициската политика на земјата во која е уапсен. Со оглед дека во Турција таа е доста сложена нашите власти требале да го поткрепат со сериозна документација од надлежните домашни институции. Премиерот Ковачевски во „360 степени“ на МТВ, како причина за случајот прстот го впери во институциите кои ги толерирале претходните кривични и прекршочни дејствија на осомничените. Според него токму неказнивоста резултирала со ваков чин.
Лидерот на опозицијата, Мицковски смета дека трагедијата е резултат не само на неказнивост туку и на неодговорност и нефункционалноста на системот.
Иако експертската јавност во земјава повика на воздржаност од страна на функционерите и политичарите за да не наштетат на самата постапка, партиските штабови не престануваат да лиферуваат соопштенија и да се обвинуваат чиј човек бил Палевски.
Останува отворено прашањето зошто возилото на Панче се движеше слободно по скопските улици и доведе до ново убиство, овој пат на Вања, велат од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Од владејачката СДСМ пак го повикуваат лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски ако навистина има поинакви информации за случајот со двојното убиство дека треба да ги достави до ОЈО. Прикривање докази е кривично дело, стои во соопштението на СДСМ.
Дека сето оваа не смее да добие политичка конотација токму затоа што се работи за две грозоморни убиства пред сè заради тоа што беше убиено 14-годишно дете, смета ексшефицата на Обвинителството за гонење криминал и корупција Вилма Русковска.
Откако Турција ќе го екстрадира Палевски тој ќе оди во 30 дневен притвор, кој во отсуство му го изрече Судот.
Фиљана Кока
