Да ги заштитиме и зачуваме спомениците
Да ги заштитиме и зачуваме спомениците од заборав е пораката на кумановскиот музеј. Во лоша состојба е манастирскиот комплекс во Матејче, но и џамијата во Табановце. Станува збор за два значајни сакрални објекти, кои се заштитени и со закон. Но, до нив нема ниту пристапен пат.

Манастирот Успение на Богородица во комплексот во Матејче и Коџа Мехмет Беј џамијата во Табановце, се важни, заштитени со закон сакрални објекти, но речиси и заборавени. Да ги заштитиме и доближиме до граѓаните, е пораката од проектот „Скриена убавина“ кој заеднички го реализира кумановскиот музеј со Лаг абер 2015. Средновековните споменици се тешко достапни до граѓаните. До нив нема пристапен пат, сегашните се скоро непроодни и непристапни за сите. Состојбата со објектите не е на завидно ниво. А истите можат да се доживеат само со физичко присуство.
„Двата објекти имаат културно, историско значење, ликовно, архитектонско значење, сестрано од повеќе аспекти. Ние, сите активни чинители треба да се потрудиме да ги заштитиме, да ги ревитализираме, кога ќе заврши тој долготраен процес да ги вклучиме во општествено-економските текови“, истакна директорката на музејот, Марија Миљуш Божурска.
Двата објекти се важни за верниците од североистокот.
Од музејот сметаат дека државата, општината и населението, може да има корист доколку тие се вклучени во верски туризам.
Елена Георгиевска
