Охрид: Медицински кадар има, недостига опрема
Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид бара од Министерството за здравство, да обезбеди уште една ангиосала и ангиограф со што ќе се задоволат потребите на пациентите. На тој начин ќе се намали бројот на пациенти на листата на чекање, кои се создаваат во моментите кога постојниот ангиограф не е во функција.

За ефикасно функционирање и максимално искористување на обучениот медицински кадар во специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид се неопходни уште една ангиографска сала и ангиограф. Тоа се само дел од барањата на установата, бидејќи од таму имаат намера целосно да го реализираат планот за развој на нови дијагностички процедури.
Секако не се откажуваме од оној проект, планска цел за развој на регионален центар за акутен мозочен удар, заедно со здравствените и техничките капацитети на другите институции во регионот, како по примерот на мрежата на акутен миокарден инфаркт“.
Од Министерството за здравство велат дека барањата на болницата се веќе пристигнати и дека тие се реални потреби за лекарите и пациентите.
„Во оваа јавна здравствена установа се извршуваат преку 2.500 интервентни процедури што е навистина сериозна бројка за една ваква институција и којашто секако им дава за право да се пофалат со овие бројки. Но нас како Министерство за здравство ни дава и поголема одговорност, многу повеќе и посериозно да размислуваме за институциите коишто се развиваат во овој правец“, изјави Маја Манолева-заменик министер за здравство.
Охридската специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања е регионален центар кој треба да одговори на потребите на 350.000 жители.
Сашо Нелоски
