Лавина реакции од политичките партии за предлогот Талат Џафери да биде технички премиер
Се поизвесно е дека спикерот Талат Џафери ќе биде технички премиер. Лавина реакции од политичките партии за овој предлог. Од ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат дека доколку Џафери, седне на чело на илинденска, ќе се случи целосна дуизација, а тоа го дозволуваат СДСМ и Ковачевски.

Веќе е извесно дека собранискиот спикер Талат Џафери, ќе биде првиот човек во техничката влада до изборите во април следната година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, коалицискиот договор на власта меѓу СДСМ и ДУИ го коментира како целосна дуизација на Македонија овозможена од СДС и Ковачевски. Криминалците од ДУИ целосно го преземаа управувањето со државата, затоа и во Македонија цвета криминалот и корупцијата – велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери или командант Форина во 2001 година дезертирал од македонската армија и преминува во УЧК. А јавноста е сведок и на низа прекршувања на собраниски процедури од страна на Џафери, како употреба на европското знаменце на закони кои немаа врска со европската регулатива, само имаа врска со криминалите на ДУИ, заклучување на вратите на пленарната сала за да не можат другите пратеници да се пријават за дискусија за дневниот ред, како и недоличното однесување и навредување кон собраниските службеници, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Спикерот Џафери откако и официјално неговата партија го изгласа за технички премиер посочи: и оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна.
И додека Џафери седнува во премиерската фотелја на 28-ми јануари, органите на владејачката СДСМ треба да го номинираат претседателот на Собранието. Јован Митревски координаторот на нивната пратеничка група е човекот кој би требало да претседава со Собранието.
Миле Ристески
