Израел

Во Советот за безбедност на Обединетите нации не помина предлог-резолуцијата за итен прекин на огнот поради ветото на САД

09.12.2023 12:53

Откако во Советот за безбедност на Обединетите нации, не помина предлог-резолуцијата за итен прекин на огнот поради ветото на САД, Израел со нови напади во енклавата. Изрелски авиони извршија бомбардирања по должината на целата територија на Газа, вклучувајќи ги и јужните делови каде што се наоѓаат евакуираните цивили.

Советот за безбедност на Обединетите нации не успеа во намерата да повика итен прекин на огнот во Појасот Газа. САД ставија вето на предлог-резолуцијата изготвена од Обединетите арапски емирати заедно со 97 земји-членки на Светската организација.

„Наспроти заднината на сериозните предупредувања на генералниот секретар, апелите на хуманитарните организации, светското јавно мислење, овој совет станува изолиран. Која е пораката што се испраќа кон палестинците, ако не можеме да се обединиме зад повикот да се запре немилосрдното бомбардирање на Газа. Која е пораката што ја испраќаме до цивилите насекаде во светот кои може да се најдат во слични ситуации?“, изјави Мохамед Абуѓахаб – заменик-постојан претставник на Обединетите арапски емирати во ООН.

„Ако сте против воените злосторства, злосторствата против човештвото и геноцидот, мора да застанете против оваа војна. Ако ја поддржувате, овозможувате воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, без оглед на вашите намери, и без оглед на вашите напори, бидејќи исходот е – загрозени се многу животи“, изјави Ријад х. Мансур, постојан набљудувач во Обединетите нации, Палестина.

Резолуцијата доби 13 гласа „за“, еден воздржан – од Велика Британија и еден против, всушност вложеното вето од САД. Американскиот заменик-амбасадорот Вуд со критики до Советот за безбедност. Вели, била пропуштена шансата за осуда на нападите од Хамас кон Израел и признавањето на правото на земјата за самоодбрана.

„Сè додека Хамас се држи до идеологијата на уништување, прекин на огнот не значи мир. Секој прекин на огнот што ќе го остави Хамас да ја контролира газа ќе ја ускрати шансата и на палестинските цивили да изградат нешто подобро за себе. Иако САД силно поддржуваат мир, што ќе значи безбедност и за Израелците и за Палестинците, не можеме да ја поддржуваме оваа резолуција, која ќе значи, неодржлив прекин на огнот што ќе го засади семето за следната војна“, изјави Роберт а. Вуд – заменик-претставник на САД во ООН.

Претходно, и генералниот секретар на Светската организација Гутереш, повика на итен прекин на огнот во Газа, осудувајќи го, како што го нарече, колективното казнување на палестинскиот народ. Го активираше членот 99 од повелбата на Обединетите нации кој не беше активиран со децении. На терен – борбите продолжуваат. Израелските одбранбени сили напредуваат на југот од Појасот.

 

Маја Стојанова