Охрид

Туристичките водичи треба да бидат амбасадори на нашата земја

10.12.2023 12:55

Професијата туристички водич е еден од најважните сегменти на туристичката понуда. не е доволна само лиценцата за обавување на оваа дејност, туку водичите мора да се надоградуваат со многу знаења од сите области. ако не се знае добро македонската историја, културното и природното богатство, како и многу други општи познавања на туристите ќе им се пренесат неточни и несоодветни информации, поради што тие ќе добијат поинаква слика за нашата земја.

Во севкупната туристичка понуда голема улога имаат туристичките водичи, кои како што велат експертите се еден вид амбасадори на нашата држава.

Поради тоа не се доволни само лиценците коишто се добиваат по завршениот курс,туку треба да се надополнуваат знаењата со некои специфики коишто се потребни за реализирање на оваа дејност.

„Уверението кое се добива на курсот за туристички водичи е само влез,впрочем како и во секоја друга професија. Меѓутоа оваа е специфична,таа бара перманентно образование,а тоа подразбира дека катадневно треба да го проверуваат своето знаење“, изјави проф. д-р Науме Мариноски-експерт од областа на туризмот.

Според Мариноски туристичкото водење постигнало најдобри резултати во периодот кога теориската настава се надополнувала со практични обуки на терен.

„Без теренска настава мислам дека водењето ќе заостанува.Затоа е битно во наредниот период да покрај тоа што тие ќе добијат уверение врз основа на знаењата што ги поседуваат,тие во наредниот период треба постојано да се на терен и теренски да ги проверуваат своите знаења“, додаде Мариноски.

Исто така како што вели Мариноски потребно е да се менуваат и рутите по кои се движат туристите при посетите на културно-историските споменици.Секоја година покрај оние од најзначајните за Охрид и македонската историја треба да се нудат нови локации за да бидат интересни и за туристите кои во повеќе наврати го посетиле Охрид.

 

Сашо Нелоски