И на брегот на Охридското езеро загадување на воздухот
И охриѓани дишат загаден воздух. Мерните станици бележат од просечно до енормно загадување на воздухот на брегот на Охридското Езеро. Во Струга нема мерни станици за квалитетот на амбиенатлниот воздух, но ќе се поставуваат дваесет, а ќе биде отворен и Инфо центар за граѓаните.

Иако Охридското езеро се смета за природен филтер, загадувањето на воздухот го урива имиџот. Градовите распослани на брегот се соочуваат со лош квалитет на воздухот. Охрид има повеќе мерни станици, кои покажуваат просечно, но во ноќните часови и енормно загадување на воздухот, со што градот неретко се вбројува меѓу најзагадените во земјава.
Во соседна Струга нема мерни станици, но активистите велат и стружани се гушат од загаден воздух, затоа ќе се поставуваат 20 мерни уреди.
„Во Струга се чини дека никој не се грижи за тоа каков е воздухот што го дишеме меѓутоа сведоци сме дека заболувањата од најразличен тип се во пораст. Тоа загрижува тоа алармира и тоа не упатува на тоа да преземеме акција“ , вели Никола Кукунеш активист.
Главните причини за лошиот квалитет на воздухот на брегот на Охридското езеро се претераната урбанизација, намалувањтое на зелената инфраструктура и енергетската сиромаштија. Гоолем број домаќинства, фабрики и хотелско угостителски објекти се уште се греат на дрва, нафта и јаглен, а тука се и дивите депонии кои дополнително загадуваат.
„Генерално е променет начинот на живот тргнуваме од домаќинствата од начинот на загревање на домовите па и до работата на големите индустриски капацитети. Сега веќе не е исто,, не постојат норми не постои законска рамка која што ќе ги стави и и големите и малите потрошувачи да почитуваат одредени норми за загадувањето“, додава Кукунеш.
Во Струга ќе биде отворен и Инфо центар за опасностите од загадувањето, каде граѓаните секојдневно ќе може да се информираат за параметрите на воздухот.
Соња Рилковска
