ОН извештај

ОН: Бугарија да ги заштити правата на македонското малцинство

10.12.2023 14:26

Македонските малцински групи да бидат заштитени во Бугарија-последниот извештај на Обединетите нации нотира загриженост како земјата ги третира нашинците, наспроти власта која очекува да се изгласаат уставните измени.

Бугарија да ги почитува правата на македонското малцинство. Обединетите нации во последниот извештај, бараат земјата да ги елиминира сите бариери за регистрација на малцинските здруженија и да преземе мерки за поттикнување на соработката и активностите. И покрај тоа што комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од бугарската делегацијата дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците, сепак, оттаму изразуваат загриженост поради извештаите дека на македонските малцински групи во Бугарија им е забрането правото на собири и здружување.

„Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и напорните барања за регистрација на граѓански организации и пријавените одбивања за регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација“, се вели во извештајот.

Европскиот суд за човекови права досега има донесено 14 пресуди согласно кои бугарските власти треба да дозволат регистрација на македонските здруженија, чија цел е признавање на македонското малцинство во Бугарија. Минатата година, и Комитетот на министри при Советот на Европа ја повика Бугарија да ги испочитува овие пресуди на Европскиот суд за човекови права.

Но и покрај се, официјалната позиција на нашиот источен сосед, е дека не постои македонско малцинство на нејзина територија, а преку декларација во Европската унија, Софија ја негира и реалноста на постоењето на македонскиот јазик.

Од друга страна пак, од Македонија и натаму се бара промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, како услов за продолжување на пристапните преговори со Европската унија.

 

 

Марија Котовска