Пендаровски: Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава
Пендаровски додаде дека неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици.

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10-ти декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации“, нагласи претседателот Пендаровски во својот говор.
Пендаровски додаде дека неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици.
„Сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“, рече Пенадровски.
Истакна дека нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко.
Иако и нашето општество не беше имуно на национализмот на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи. Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа, потенцира претседателот Пендаровски во својот говор.
