ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Нетанјаху побара Хамас да се предаде

11.12.2023 10:13

Нетанјаху ги повика борците на Хамас да го положат оружјето без одлагање. Ова е почеток на крајот на Хамас, рече во обраќањето до нацијата. Милитантите пак, се заканија, ниту еден од заложниците нема да замине „жив“, „без одговор на нивните барања“...

Убиени десетици терористи на Хамас, уште толку им се предале на израелските војници, тврди одбраната. Апсењата продолжуваат додека копнената офанзива се продлабочува.

„Уапсивме десетици терористи. Многумина од нив во упориштата одлучија да се предадат. Ова е значајна работа“, изјави портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари.

Израелскиот премиер Нетанјаху ги повика борците на Хамас да го положат оружјето без одлагање.

„Ова е почеток на крајот за Хамас. Им велам – готово е! Не умирајте за Синвар. Предадете се – сега“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Хамас предупреди-ниту еден од заложниците нема да замине „жив“ без преговори и „без одговор на нивните барања“. Израелското бомбардирање врз газа ги намалува шансите за ново примирје-изјави премиерот на Катар-клучниот посредник меѓу двете страни.

„Ние ќе продолжиме. Посветени сме да ги ослободиме сите заложници, но и да ја запреме оваа војна. Секогаш се потребни две страни за да се преземе таков чекор. За жал, не ја гледаме истата подготвеност како во неделите претходно“, изјави катарскиот премиер, Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.

СЗО усвои резолуција за итна хуманитарна помош за Газа. Генералното собрание на ОН за утре свика итен состанок.