Жестоки борби во Појасот Газа
Жестоки борби во Кан Јунис, новиот епицентар на војната во Појасот Газа. Стотици илјади цивили бараат засолниште. Тел Авив го повика Хамас да го положи оружјето. Милитантите предупредија – без преговори и исполнувања на нивните барања, нема ослободување на заложниците...

Се разгоруваат борбите меѓу Израел и Хамас. На двете страни се огласуваат сирени. Во ракетен напад врз Тел Авив и Холон повредено е едно лице. Фокусот на војната и натаму е Кан Јунис. Убиени се десетици терористи на Хамас, уште толку им се предале на израелските војници, тврди одбраната. Апсењата продолжуваат, копнената офанзива се продлабочува.
„Уапсивме десетици терористи. Многумина од нив во упориштата решија да се предадат. Ова е значајна работа“, изјави портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари.
Израелскиот премиер Нетанјаху ги повика борците на Хамас да го положат оружјето без одлагање.
„Ова е почеток на крајот за Хамас. Им велам – готово е! Не умирајте за Синвар. Предадете се, сега!“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Хамас предупреди, ниту еден од заложниците нема да замине жив без преговори и без одговор на нивните барања. Израелското бомбардирање врз Газа ги намалува шансите за ново примирје, изјави премиерот на Катар, клучниот посредник меѓу двете страни.
„Ние ќе продолжиме. Посветени сме да ги ослободиме сите заложници, но и да ја запреме оваа војна. Секогаш се потребни две страни за да се преземе таков чекор. За жал, не ја гледаме истата подготвеност како во неделите претходно“, изјави катарскиот премиер, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.
СЗО усвои резолуција за итна хуманитарна помош за Газа.
„Ќе ја спроведеме резолуцијата најдобро што можеме, но, повторувам дека одржлива хуманитарна помош во потребниот обем, едноставно не е можна. Без прекин на огнот нема мир, а без мир нема здравје. Повикувам, сите земји-членки да работат на итно ставање крај на конфликтот и да се ослободат останатите израелски заложници“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Генералното собрание на ОН за утре свика итен состанок. Израел се соочува со зголемен меѓународен притисок и повици за прекин на огнот, по продолжената офанзива која расели речиси 90 насто од населението во Газа.
Бојана Крстевски
