Политика

Ќе учествува ли ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада?

11.12.2023 13:08

Технички премиер Талат Џафери, собраниски спикер Јован Митревски-предлози за техничката влада. Дали ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ, допрва ќе решава…

На 28-ми јануари ќе се гласа за состав на техничката влада. Премиер Талат Џафери, собраниски спикер Јован Митревски-владејачкото мнозинство ги утврди предлозите. ВМРО-ДПМНЕ ќе решава дали ќе учествува со свои министри и заменици.

Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Законска обврска е и најголемата опозициска партија, ВМРО – ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Прашан за можноста во техничката влада да има министри и од албанската опозиција, Ковачевски нагласи дека согласно законот точно се знае кои министерства ќе ги предводи парламентарното мнозинство, а кои од најголемата опозициска партија.

Тоа, како што нагласи, значи дека од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства.

Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација. Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон, подвлече Ковачевски.

Од опозициската партија не се согласуваат со предлогот Талат Џафери да биде технички премиер. Како што соопшти Драган Ковачки, во наредниот период ќе заседаваат телата на партијата и за учеството во техничката влада благовремено ќе ја известат јавноста.

А, што сметаат аналитичарите на ова тема, Анита Димитријевска- Велковска известува во Дневникот во 13 часот.