ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Продолжуваат борбите и притисокот врз Хамас

11.12.2023 14:43

Се разгоруваат борбите меѓу Израел и Хамас. Ракетиран Тел Авив и централен Израел. Двете страни трпат загуби. Нетанјаху бара терористите да го положат оружјето. Милитантите предупредуваат-ниту еден заложник нема да замине „жив“ без преговори. Шансите за ново примирје се намалуваат-тврди Катар. Генералното собрание на ОН за утре свика итен состанок...

Се разгоруваат борбите меѓу Израел и Хамас. Во ракетен напад врз Тел Авив и Холон повредено е едно лице. Фокусот на војната и натаму е Кан Јунис. Убиени се десетици терористи, уште толку им се предале на израелските војници – тврди одбраната.

„Уапсивме десетици терористи. Многумина од нив во упориштата решија да се предадат. Ова е значајна работа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израелскиот премиер Нетанјаху ги повика борците на Хамас да го положат оружјето.

„Ова е почеток на крајот за Хамас. Им велам – готово е! Не умирајте за Синвар. Предадете се – сега!“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Хамас предупреди-ниту еден од заложниците нема да замине „жив“ без преговори. Франција, Германија и Италија се залагаат за нови санкции на ЕУ против Хамас. САД коишто претходно ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност, ветија непоколеблива поддршка за Израел.

„Ќе стоиме со Израел сè додека не го направат она што треба да го направат. Не знам колку ќе потрае, но уништувањето на Хамас ќе дојде“, изјави Линдзи Греам, републикански сенатор на САД.

„Со ставање вето американската влада уште еднаш ја покажа својата целосна солидарност со ционистичкиот режим и соучесништво во овие злосторства против угнетениот народ на Палестина“, изјави Насер Канаани, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.

Катар вели – се намалуваат шансите за ново примирје.

„Секогаш се потребни две страни за да се преземе таков чекор. За жал, не ја гледаме истата подготвеност како во неделите претходно“, изјави Мохамед Бин Ал Тани, премиер на Катар.

Генералното собрание на ОН за утре свика итен состанок. Израел се соочува со зголемен меѓународен притисок и повици за прекин на огнот по продолжената офанзива која расели речиси 90 насто од населението во Газа.

 

Бојана Крстевски